Лук и сланина во борба против чиа семе и гоџи бобинки: Дали здравата храна од далеку го радува нашиот „балкански стомак“

Фото: Pexels
336

Денес стана нормално на нашето мени да се најдат чиа семки, гоџи бобинки, нони, масло од коријандер, хималајска сол, мисо паста, алги, а сето тоа го јадеме со уверување дека правиме одлична работа за нашето здравје. А сланинче, лукче, кисела зелка…? Не звучи премногу фенси, па не е веќе интересно? Што всушност најмногу му годи на нашиот „балкански стомак“?

Многу од овие нови намирници, кои се користат илјадници години на Далечниот Исток и во традиционалната медицина, пристигнаа кај нас дури неодамна, а експертите предупредуваат дека сè што првпат внесуваме во организмот може да предизвика реакција.

Особено, како што објаснуваат нутриционистите, затоа што луѓето од нашиот регион „веќе се генетски кодирани за храната што се одгледува на ова поднебје“.

Генетскиот код за храна

Токму тоа, уште пред две години за српските медиуми го зборуваше српската нутриционистка Милка Раичевиќ, според која, нашето тело е „кодирано“ за храната што нашите мајки ја внесувале во организмот за време на бременоста.

„Преку мајчиното млеко детето првпат на тој начин ги запознава и кодира навиките во исхраната, а тоа е многу тешко да се промени“, вели таа.

Од друга страна, додава таа, во праксата се среќава со многу млади мајки кои ја јадат оваа нова храна, која до вчера ја немаше на овие простори.

„Нивните деца веќе се сретнале со таква храна“, вели нутриционистката.

Наскоро правилник за дозирање на новите намирници

Таа додава и дека во Србија е донесен Правилник за нова храна, во кој меѓу другото се пропишуваат точните количини на одредени намирници кои можат да се конзумираат на дневна основа.

Надминувањето на тие дози, додава Раичевиќ, може да биде штетно за здравјето.

„За масло од коријандер или масло од орев, на пример, дозата е половина лажичка. Ако јадете салата три пати на ден и ја прелиете со половина лажичка масло, тогаш тоа е веќе предозирање“, вели таа.
Според Милка Раичевиќ, лудилото и опседнатоста со храната што ни доаѓа од далеку, а која не е наша, домашна, односно, не му е позната на организмот, што е потребна едукација за сето тоа.

Распрашајте се пред да јадете

„Секое прво внесување на непозната храна може да предизвика алергија. Најдобро би било граѓаните да прашаат таму кадешто купуваат за ефектите на овие намирници врз нивниот организам, особено ако боледуваат од некоја болест, кои се препорачаните дневни количини и да не ја купуваат доколку не е спакувана“, советува таа.
Како што додава, таа постојано мора да учи за нови намирници и производи бидејќи кај неа доаѓаат дури и трудници кои јадат, на пример, гоџи бобинки.

„Луѓето не знаат дека во нашето поднебје имаме растенија кои можат да бидат замена за сите оние што ни доаѓаат од далеку. На пример, за многу популарните чиа семки, тука е нашето сирово цвекло. Со готвењето се губат неговите корисни материи, а доволно е да се остави во фрижидер еден час, за никому да не му пречи мирисот“, вели таа.
Проф. Д-р Иван Станковиќ од Фармацевтскиот факултет за РТС вели дека таканаречената нова храна е онаа што не се користела во Европската унија пред 15 мај 1997 година, кога биле донесени првите прописи за неа.

„Таквата храна мора да биде безбедна за употреба, да не ги доведува во заблуда потрошувачите и, доколку заменува некоја намирница, не би смеела да биде нутритивно инфериорна во однос на таа намирница“, вели Станковиќ, кој е член на Европската управа за безбедност на храната.

Листа на нови намирници
Објаснувајќи колку нашите потрошувачи знаат за сите овие „новитети од здрава храна“, вели дека овој вид на храна е нов кај нас и дека Правилникот за неа содржи листа од 131 намирница.

„Станува збор за храна која се користела во некои делови од светот, но не и во Европа. Тоа се и некои нови состојки, намирници во изменети облици, како нано честички, нано материјали. На таа листа се некои нови извори на минерали и витамини, нови шеќери како Д-тагатоза, слатрим – замени за маснотии, гоџи бобинки, чии семиња… Маслото од семе од коријандер одобрено во 2011 година за употреба во Европа во додатоците за исхраната , но може да се земаат само 600 милиграми дневно“, објаснува тој.

Според него, секој прехранбен производ и состојка на нов прехранбен производ мора да добие дозвола од Министерството за здравство, која се издава врз основа на стручно мислење.

Зборувајќи за верувањето дека сме генетски предиспонирани за храна која отсекогаш се консумирала на овие простори, тој вели:

„Ова често се пренесува како факт. Генетски, организмот со генерации се навикнува на еден вид исхрана“, изјавил проф. Станковиќ.

Потсетува дека секој потрошувач мора да биде информиран како да ја користи секоја нова храна, но и да биде внимателен кога ја внесува во својата исхрана.