Хаику поезија ала Амир: Најкреативниот пазарџија во Скопје

510

Авокадо за гвакамоли, кога ќе платиш срце ќе те заболи! Ова е само еден од креативните натписи кои ги пишува на речиси секој производ на оваа тезга на пазарот Тафталиџе.

Оваа тезга на пазарот во Тафталиџе, инаку, познат и како еден од најскапите пазари во градот, веќе со години го привлекува вниманието на купувачите, па дури и на шетачите.

Имено, дури и ако не застанете да купите нешто, може да застанете и да се зачитате, често да се насмеете, а некогаш и да научите нешто за бројните зеленчуци и овошки што се продаваат на тезгата на Амир.

Дури и ако не сте лектор, лесно ќе му најдете некоја правописна грешка, ама сепак, мора да му се признае дека секогаш да има интересни натписи.

И наспроти хаику поезијата, тој баш се труди во секој натпис да има рима, ама затоа неговава „поезија“ е кратка баш како хаику.

Деновиве додека ги читавме новите натписи на производите, ни се пожали дека некој пазарџија во внатрешноста, само си ги препишал сите негови натписи и си ги наредил на својата тезга.

Ама Амир интервенирал и побарал да се почитуваат авторските права, односно, побарал барем да ги потпише со неговото име. Токму тоа го прави од неодамна и самиот, на сопствената тезга. ЧИсто да се знае дека тој никогаш не краде туѓи мисли.

„Со кромид млад, можеш да пољубиш само у врат“;

„Домашни јајца, витамини за двајца“;

„Грозје- Благо чок, семки јок“;

„Авокадо за гвакамоли, кога ќе платиш срце ќе те заболи“;

На јаболката златен делишес, напишал, за мозок рифреш, за црвениот – делишес црвен, за по една на ден, на зелените – зелена сум, но зрело мислам, а пак на оние од сортата ајдарет, пишува: ајдарет, анти дијабет, а богами и за с’клет.

И уште еден куп натписи, меѓу кои и вакви како за авокадото, со кои и самиот ја потенцира нивната висока цена.

А на тезгата, впрочем, како и на сите пазари во државава, вистинска есенска убавина за која некаде можат само да сонуваат.