Хрватски ресторан ја врати Мишелин ѕвездата: „Таа ни ги избрка гостите“

Фото: Фејсбук/Draga di Lovrana hotel & restaurant
811

Во текот на целиот процес се изгуби почетната идеја околу концептот, а статусот на ресторан со ѕвезда стана своевиден товар. Во октомври минатата година го затворив ресторанот и донесов одлука дека повеќе не сакам да биде оптоварен со награди и статуси. Решив да ја вратам ѕвездата, вели Кристијан Николац, сопственик на ресторанот.

Драга ди Ловрана, ресторан во местото Ловранска Драга кој стана првиот ресторан на Кварнер со Мишелин ѕвезда во 2019 година, повеќе не го сака тоа признание. Ова за Добра храна го најави Кристијан Николац, сопственик на ресторанот.
„Пред точно пет години, нашиот ресторан беше вклучен во водичот Мишелин и награден со Мишелин ѕвезда, која гордо ја носевме следните години. Тие години беа предизвикувачки и возбудливи, беше многу важно да го потврдиме нашиот статус и многу креативна енергија отиде во исполнување на некои непостоечки правила за одржување на статусот во друштво на најдобрите“, објаснува тој.

„Во текот на целиот процес се изгуби почетната идеја околу концептот, а статусот на ресторан со ѕвезда стана своевиден товар. Во октомври минатата година го затворив ресторанот и донесов одлука дека повеќе не сакам да биде оптоварен со награди и статуси. Решив да ја вратам ѕвездата. Мојата ќерка Кели Николац, младата сила на семејството, изрази желба да води хотел и ресторан, но според сопствените идеи, неоптоварена со статуси и успеси, реши да создаде своја приказна, како логично продолжение на идејата на нејзините родители и да го врати познатото чувство на гостопримство како што беше првично замислено“, додава тој.

„Ги изгубивме гостите“
Тој вели дека нема ништо против ѕвездите на Мишелин и дека тие би сакале да останат во Мишелиновиот водич. Меѓутоа, ќе ја вратат ѕвездата бидејќи во нивниот случај таа само им донела проблеми во бизнисот.

„Едноставно, изгубивме гости, а вложувањата во ресторан со концепт на кујна како што имавме се превисоки и неисплатливи. Сакам да бидеме ресторан во кој гостите ќе се чувствуваат удобно, нема да мислат дека мора да бидат формално облечени, да можат да дојдат со деца, со куче… На крајот на краиштата, да може да се јаде нешто a ла карт, а не само она што готвачите мислеле дека треба да јадат, бидејќи имавме само дегустациски менија. Да можат да нарачаат и бокал домашно вино, да се опуштат, да се задржат неколку часа во разговор и дружење“, вели Николац.

Најави и „нов почеток“, со ангажирање на Хариј Бениќ, некогашниот су-шеф на Драга ди Ловран, кој заедно со готвачот Здравко Томшиќ ги креирал јадењата што ги направија гастрономска дестинација.

„Покрај новото мени, гостите ќе ги пречека и целосно реновираната внатрешност на ресторанот и одредени стилски промени во хотелските соби, каде сакавме да вдишиме шмек на модерност во традиционалниот архитектонски визуелен изглед на хотелот од самиот почеток на 19 век“, вели Николац.

„Менито сега се базира на a ла карт јадења, а не исклучиво на дегустациски менија како досега. За оние кои сакаат ќе имаме и мени за дегустација, но со помал број јадења и во малку поинаков формат. Порциите сега се генерално поголеми, но не премногу големи. Покрај поскапите вина, воведовме и домашно вино произведено од еден од нашите винари, достапно за просечниот гостин. Ѕвездите на Мишелин денес се доделуваат и на камиони за храна (food truck), но ова не е случај кај нас. Досега во Хрватска се доделуваше само на фини места за јадење, а тоа подразбира концепт кој, како што се испостави, не е профитабилен за Драга ди Ловран“, објаснува Кели Николац, ќерката на Кристијан, која сега го презела управувањето со ресторанот.

Сѐ повеќе ресторани и готвачи ја враќаат ѕвездата
Во последниве години сѐ поголем број готвачи и ресторани решиле да го вратат ова признание или да го одбијат поради проблемите што им ги предизвикува ѕвездата на Мишелин. Некои од најпознатите светски примери кои стигнаа до медиумите се Марко Пјер Вајт кој стана најмладиот готвач со три ѕвезди во 1994 година, а пет години подоцна стана првиот готвач кој ги врати во Мишелин, таткото на новaта кујна (nouvelle cousine) Ален Сендеренс кој ги врати во 2005 година, по 30 години водење на Лукас Картон (Lucas Carton) со три ѕвезди, Себастијан Брас, кој ги врати по 10 години водење на семејниот Ле Сукует (Le Suquet), како и Фредерик Дуге, Оливие Дуе, Хулио Биоска, Карен Кејнерт…