Хрватското здружение „Пријатели на животните“ го оцени како апсурден и лош фактот што Европската комисија на почетокот на јануари одобри пласирање на пазарот на различни прехранбени производи од инсекти, наместо веќе постоечките алтернативи од растително месо.
Откако Европската комисија на почетокот на годинава одобри пласирање на пазарот на различни прехранбени производи од инсекти, хрватското здружение „Пријатели на животните“ на својата веб страница објави дека ја смета оваа одлука за апсурдна. Тие веруваат дека наместо мелени инсекти, треба да се промовираат добри алтернативи во форма на растително месо базирано на грашок, грав, соја или други мешунки и житарки.
Сметаат дека е апсурдно тоа што денес, кога веќе има плескавици направени од растителни протеини, кои многу верно ја имитираат структурата и вкусот на месото, а се хранливо многу вредни во однос на составот, предност им се дава на оние направени од црви и инсекти.
„Палачинките направени од ларви не треба никому да му бидат привлечни, а наместо тоа, треба да ја поттикнеме потрошувачката на производи од растително потекло, кои се веќе достапни и се повеќе се развиваат“, сметаат тие. Дополнително, велат дека е неопходно да се препознае иднината и да се инвестира во развој на култивирано месо, кое се произведува во лабораториски контролирани услови и за чие производство не се потребни ниту црви, ниту свињи, ниту инсекти, ниту цицачи, туку растителни суровини.
Иако инсектите се најмалку проучувани животни, научниците се согласуваат дека и инсектите чувствуваат болка и непријатност, велат од здружението, додавајќи дека професорот Читка, кој го водел истражувањето на Универзитетот Квин Мери (Queen Mary) во Лондон, открил дека бумбарите чувствуваат непријатност на ист начин како и другите животни за кои е познато дека доживуваат болка и страдање. Тие исто така предупредуваат дека, според Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации (ФАО), безбедноста на храната од инсекти е под знак прашање.
„Поради хитинот од кој е изграден нивниот егзоскелет, може да се појават сериозни алергиски реакции“, посочија и потсетија дека веганските производи не содржат животни, вклучително и инсекти, а се безбедни за сите оние кои не сакаат црви и ларви во нивните чинии.