Прокељ во заседа: Одличен рецепт и за тие што го сакаат и за оние другите

329

Оваа порција прокељ во „пакување“ од јајца, јогурт и овесни снегулки беше прва и експериментална, па поради пармезанот кој е ставен најгоре изгледа малку загорено, иако воопшто не беше, а втората порција која изгледаше многу подобро, се изеде пред да стасаме да ја фотографираме

Овој рецепт е на нашиот пријател Александар кој секогаш експериментира во кујната и иако не е професионалец, секогаш знае да изненади со вкусни рецепти.

Овојпат тоа беше овој прокељ кој како да чека во заседа за да се појави дури кога ќе црпнете со лажицата за да пробате.

Одличен веге рецепт, за сите кои сакаат прокељ, но и за оние кои не го сакаат, па полесно им е да го јадат кога е вака замаскиран.

Значи, ви требаат мали зелчиња (прокељ), јајца, јогурт, овесни снегулки, пармезан, зачини и ладно цедено масло (по избор, маслиново или сончогледово).

Зелчињата се мијат, се засекуваат кај коренот и ако се поголемки се сечат на половини, а ако се помали се оставаат цели. Убаво се мешаат со маслото и се ставаат во вашиот сад за печење. Количините зависат од големината на тавчето во кое ќе се пече јадењето и секако, од бројот на луѓе кои ќе јадат. За една ваква порција за двајца, ви требаат две јајца, еден среден филџан јогурт, 2 лажици овесни снегулки, 1 кесичка пармезан, сол, црн пипер и зачини по избор.

Во овој прв експериментален сад, пармезанот е ставен одозгора и затоа јадењето изгледа како да е печено повеќе отколку што треба, иако воопшто не беше такво на вкус. Беше одлично, но ако го помешате пармезанот во смесата со јајцата, па после се заедно прелиете врз прокељот, е уште повкусно и изгледа фантастично. Се пече околу 20 минути.

За жал, се изеде пред да стасаме да го фотографираме.