И дијаспората прави зимница! Ајвар, малиџано, салца, па дури и циронки со печени пиперки…

980

Од кисела туршија, ајвар и салца, до традиционалните преспански циронки со печени пиперки. Ова се дел од рецептите кои Аница Клокановски која пола век живее во Америка, ги споделува на својата Фејсбук страница и јутјуб канал, со цел тие да останат зачувани за следните генерации. Зеленчукот го купува од тамошна фарма, а циронките патуваат преку океанот во нејзиниот куфер

Македонката Аница Клокановски која повеќе од половина век живее во Америка, не се откажува од нашата кулинарска традиција и готви по рецептите на својата мајка, вклучувајќи ги тука и оние за зимниците кои ги прави редовно, секоја есен по враќањето од посетата на родниот крај.

Од родното село Наколец, во Преспа баба Анче заминала на свои 16 години. Со сопругот Илија е во брак повеќе од половина век, поточно, 52 години и живее во Детроит, но секое лето го користи за да го посети своето семејство во Македонија.

А кога ќе се врати оттука, бидејќи е тоа секогаш во есен, Детроит почнува да мириса на Македонија.

Баба Анче ги запознава Американците со голем број традиционални македонски јадења и секоја година во ова време од нивниот дом во Детроит се шири и мирисот на печени пиперки и ајвар. Но и малиџано, салца, жива туршија, па дури и специјалитетот од нејзиниот стар роден крај, циронки со печени пиперки по рецепт многу постар од 100 години. Циронките, се разбира, патуваат од Преспа преку океанот во нејзиниот куфер.

На фејсбук-групата каде што ги споделува своите рецепти доминираат токму тие традиционални македонски рецепти, кои ги научила од нејзината мајка.

Вели дека во Детроит кадешто живеат не недостасуваат пиперки и воопшто, зеленчук кој ѝ е потребен за разновидната зимница која ја приготвува.

„Пазарот и фармата кадешто јас купувам се вика Bloks и пиперките што ги одгледуваат таму се многу вкусни. Правам и ајвар и малиџано и салца и сѐ е навистина многу вкусно. Незнам како е во другите држави низ САД, но тука, кадершто сме ние, има вкусен зеленчук. Секако, циронки нема, па тие си ги носам од родниот крај“, вели баба Анче.

А како изгледа нејзиното приготвување на зимница можете да видите во видеата и на фотографиите што ни ги испрати од својот дом во далечниот Детроит.