И млад и органски: Пита со спанаќ што ја јадат и оние што не јадат – спанаќ

1.875

Ако сте од оние кои мислат: спанаќ си е спанаќ, јас не јадам спанаќ, веројатно ќе се премислите ако го пробате овој млад и зелен, органски спанаќ од Орешани. Ако не онака, свеж, тогаш барем спакуван во ваква вкусна и здрава пита

Оваа сабота се одржа второто пазарче од оваа сезона, во Јавна соба, каде што уште на влезот не пречека тезгата на Green Republic, инаку, заштитен знак на Аквапоника, фирма која произведува и продава органски салати и зеленчук.

Станува збор за нашиот стар пријател Васил Петрушевски, компјутерџија од Скопје, кој заедно со својата сестра Милица, пред околу 7-8 години почнале активно да се занимаваат со органско производство на својата земја во село Орешани, која на времето ја обработувал нивниот татко како хоби, а пред него и нивната баба-земјоделка.

Во фокусот на нивното земјоделско производство се градинарските производи, а стратешка култура им се зелените производи, спанаќ, марула, зелка, млад кромид, млад лук. Тие се сертифицирани производители на органска храна, која е дел и од нивната животна филозофија.

Токму со нивниот млад, свежо набран органски спанаќ решивме да ја направиме оваа интересна крцкава пита со брашно од просо, пченкарно и ленено брашно и смелени семки од тиква. А спанаќот, уште додека го сечкате и го пробувате онака свеж и крцкав, ќе сфатите дека има голема разлика од спанаќот кој обично го купуваме онака апансас од некоја тезга на пазар или спакуван во кеса во маркетите. Дури може да се случи, да пројадат спанаќ и оние кои инаку не сакаат да го видат со очи. Некои такви го јадеа убаво спакуван во оваа наша интересна пита.

Еве го и рецептот за питата:

3 јајца

1 шолја јогурт

1/2 шолја ладно цедено сончогледово масло

1/2 шолја кисела вода

3 шолји брашно (ние ставивме 1 шолја брашно од просо, 1 шолја пченкарно брашно, 1/2 шолја бело брашно и 1/2 шолја мелено ленено семе и мелени семки од тиква)

1 прашок за пециво

околу 200 г измешано сирење и урда

250 г свеж, млад и органски спанаќ

семки за поросување

Приготвување:

За да ја направите питата доволна ви е рачна маталка.

Измешајте ги јајцата, па додадете јогурт, масло и вода, а потоа постепено додавајте ги брашната. На крајот се става исечканиот спанаќ и здробеното сирење и урда, се додава сол по желба и се излева во тепсија подмачкана со масло и поросена со брашно. Одозгора наросете обилно со семки по ваш избор (сусам, сончоглед, ким, семки од тиква).

Се пече на 200 степени околу 40 минути.

Можеби ќе ви изгледа дека има премногу спанаќ и дека нема да излезе ништо од вашата пита, ама на крајот го имате овој резултат.

Брендот Green Republic e специјализиран за производство и продажба на сертифициран органски зеленчук и неговата мисија е да развива производи што ќе ги задоволат разновидните потреби на потрошувачите, притоа обезбедувајќи и гарантирајќи висок органски квалитет и лесна достапност.

Во зависност од вашите неделени потреби, тие нудат опција за нарачка на неделни пакети кои содржат околу 10 производи, набрани од нивните ниви дента кога ги испорачуваат. Содржината на пакетот се менува секоја недела, во зависност од тоа што е созреано и спремно за берба.