Планирајте оброци за целата недела и заштедете време: Совети вредни како злато

Фото: Pexels
1.499

Овие одлични совети за планирање на оброци за цела недела дефинитивно ќе ви заштедат време, ама и ќе ве упатат за тоа кои намирници колку време можат да стојат во фрижидер и по кој редослед да се консумираат

Денес луѓето имаат се помалку време, било поради приватни или поради работни обврски. Тие често се одлучуваат да нарачаат храна или нешто што се подготвува брзо или лесно. Но, важно е да се храните здраво и да имате барем еден готвен оброк секој ден. Ви предлагаме да си олесните и да го испланирате вашето неделно мени.

Можеби изгледа комплицирано и заморно, но ако одвоите еден ден и добро се организирате, ќе заштедите многу време и труд, а ќе се храните добро.

Кога однапред ги планираме оброците, особено за цела недела, секогаш сме во недоумица колку долго може да издржи вака подготвената храна. Искусните домаќинки споделија совети кои многу ќе ви го олеснат планирањето, а прво на што треба да внимавате е рокот на траење.

Не секое јадење е погодно за секој ден од неделата, бидејќи имаат различен рок на траење, поради начинот на подготовка или состојките. Но, не грижете се, постојат правила и за такви ситуации.

Ако земеме предвид дека храната ќе имате најмногу време да ја подготвите во недела, тогаш во понеделник и вторник можете да јадете свежи салати, сирови или рибни јадења, бидејќи овие оброци можат да останат во фрижидер само ден или два, па затоа е добро да ги јадете веќе на почетокот на неделата. Среда и четврток се погодни за варени и пржени јадења кои можат да останат во фрижидер 3-4 дена. А за подолго чување, изберете јадења што може да се замрзнат.

Најдобро е да го запишете планот за оброци според деновите и бројот на луѓе за кои се подготвува, па дури потоа да почнете да купувате намирници. Уште една работа е важна кога подготвувате оброци за целото семејство. Не гответе зеленчук, ориз и тестенини додека не омекнат, туку ал денте. Тоа значи дека храната мора да биде сварена, но и доволно цврста за да не се претвори во каша кога ќе се загрее.

Во продолжение прочитајте колку долго одредени намирници можат да останат во фрижидер или замрзнувач:

Производи од месо (варени, пржени):

3-5 дена во фрижидер
4-6 месеци во замрзнувач

Чорби или супи:

3-4 дена во фрижидер
2-3 месеци во замрзнувач

Производи од живина (варени, печени):

3-4 дена во фрижидер
4-6 месеци во замрзнувач

Јадења од варена или пржена риба:

1-2 дена во фрижидер
4-6 месеци во замрзнувач

Тврдо варени јајца:

1-2 недели во фрижидер
Не се препорачува замрзнување

Јадења со сирови јајца:

1-2 дена во фрижидер
Не се препорачува замрзнување

Леб, лепчиња:

2-3 дена надвор од фрижидер
4-6 месеци во замрзнувач

Сирови салати:

1-2 дена во фрижидер
Не се препорачува замрзнување

Ориз (варен ал денте):

3-4 дена во фрижидер
1-2 месеци во замрзнувач

Тестенини (варени ал денте):

1-2 дена во фрижидер
1 месец во замрзнувач

Киноа (варена):

2-3 дена во фрижидер
Не се препорачува замрзнување

Мусли (натопени):

1-2 дена во фрижидер
Не се препорачува замрзнување