И многу здраво не е на арно! 8 здрави намирници кои во преголема количина можат да бидат опасни

Фото: Pexels
570

Сите овие намирници се исклучително здрави. Но кај нив умереноста е многу важна бидејќи ако претерате ефектот е сосема спротивен и стануваат опасни по вашето здравје

Долга е листата на супер здрава храна. Меѓутоа, кај некои суперхрани важи истото правило како и кај лековите – тие треба да се консумираат само во „вистинската доза“ бидејќи „предозирањето“ може да има сериозни здравствени последици.

Здравствениот портал Healthline.com ви претставува листа од осум многу здрави намирници кои можат да ви наштетат ако ги јадете премногу.

Омега-3 и рибино масло
Омега-3 масните киселини се неопходни за нашето здравје. Меѓу другото, тие се борат со воспаленијата во телото, играат важна улога во развојот на мозокот и го намалуваат ризикот од срцеви заболувања.

Бидејќи многумина јадат премалку омега-3 масни киселини, додатоците во исхраната стануваат сè попопуларни. Најчестите додатоци вклучуваат омега-3 капсули направени од риба, рибен црн дроб и алги.

Сепак, треба да се земе предвид дека премногу омега-3 може да биде штетно. Вообичаената доза се движи од 1 до 6 грама дневно, но земањето од 13 до 14 грама дневно може да има ефект на разредување на крвта кај здрави луѓе, предупредуваат научниците. Ова е особено ризик за луѓето склони кон крварење или оние кои земаат лекови за разредување на крвта.

Понатаму, земањето големи количини на рибино масло може да резултира со прекумерно внесување на витамин А, што може да предизвика токсичност. Ова е од особено значење за децата и бремените жени.

Туна (свежа и конзервирана)
Туната е мрсна риба која обично се смета за многу здрава. Таа е добар извор на омега-3 масни киселини и е многу богата со протеини. Сепак, туната може да содржи и високи нивоа на метил жива присутна во загадени средини. На повисоки нивоа, метилживата е невротоксин кој може да има многу негативни здравствени ефекти. Тие вклучуваат доцнење во развојот кај децата, проблеми со видот, недостаток на координација и оштетувања на слухот и говорот.

Големите туни содржат најмногу метил жива, бидејќи таа се акумулира во нивните ткива со текот на времето. Многу е веројатно дека таквите големи туни ќе се користат за врвни рибни стекови или за суши.

Од друга страна, помалата туна содржи помали количества метилжива и има поголема веројатност дека ќе биде конзервирана. Постојат два главни типа на конзервирана туна, а нивната содржина на жива варира:

Бела туна (Албакор туна): има светла боја и содржи четири до пет пати повеќе жива од светлата туна.
„Light“ туна: во лименките „light“ туна има многу помалку жива. Месото на рибата е со потемна боја и обично не потекнува од албакор туна.
Горната безбедна граница на метилживата за луѓето е 0,1 микрограми на килограм телесна тежина. Ова значи дека дете од 25 килограми треба да јаде само една порција од 75 г конзервирана албакор туна на секои 19 дена. Сè повеќе од тоа би ја надминало препорачаната горна граница. На бремените жени и на децата им се советува да го ограничат внесот на морска храна што содржи метил жива на не повеќе од два пати неделно. Постојат неколку други видови риби кои исто така се богати со омега-3 масни киселини, но со помала веројатност да бидат контаминирани со жива. Тука спаѓаат лосос, скуша, сардини и пастрмка.

Цимет
Циметот е вкусен, широко користен зачин кој може да има некои лековити својства. Има висока содржина на антиоксиданти и се покажа дека го намалува воспалението и го намалува нивото на шеќер во крвта. Консумацијата на цимет е поврзана и со намален ризик од срцеви заболувања, дијабетес, рак и невродегенеративни заболувања.

Сепак, циметот содржи големи количини на соединение наречено кумарин, кое може да биде штетно во големи дози.

Постојат два главни типа на цимет, со различни количини на кумарин:

Касија: Исто така познат како обичен цимет, циметот Касија содржи релативно висока количина на кумарин.
Цејлон: Познат како вистински цимет, цејлонскиот цимет е помалку вообичаен, а содржи многу помала количина на кумарин.
Дозволениот дневен внес на кумарин е 0,1 мг на кг телесна тежина. Конзумирањето големи количини може да предизвика токсичност на црниот дроб и рак.

Врз основа на подносливиот дневен внес на кумарин, не се препорачува консумирање повеќе од 0,5 до 2 грама Касија цимет дневно. Сепак, можете да јадете до 5 грама (1 лажичка) цејлонски цимет дневно.

Повремено, во ред е да се јаде повеќе од тоа, како на пример ако одреден рецепт го бара тоа. Но, големи количини не треба да се јадат премногу често.

Морско оревче
Морското оревче е зачин со многу уникатен вкус. Често се користи во божиќните специјалитети.

Мускатното оревче содржи соединение наречено миристицин, кое е психоактивна супстанција. Во помали дози, морското оревче додава вкус на јадењата без да влијае на здравјето. Но, во големи дози, морското оревче може да предизвика труење со миристицин. Ефектите од труењето со миристицин вклучуваат напади, срцеви аритмии, гадење, вртоглавица, болка и халуцинации.

Не се препорачува да се јаде повеќе од 10 грама морско оревче наеднаш. Се покажало дека дозите повисоки од овие предизвикуваат симптоми на токсичност.

Кафе
Кафето е прекрасен пијалак кој е полн со антиоксиданти и други активни соединенија. Уживањето во кафе е поврзано со бројни здравствени придобивки, вклучително и намален ризик од заболување на црниот дроб, дијабетес тип 2 и невродегенеративни заболувања.

Активната состојка на обичното кафе е кофеинот, а секоја шолја содржи во просек од 80 до 120 мг. Дневниот внес од 400 мг генерално се смета за безбеден.

Сепак, консумирањето повеќе од 500 до 600 мг дневно може да биде премногу. Ова може да го преоптовари нервниот систем, предизвикувајќи несоница, нервоза, раздразливост, грчеви во стомакот, тахикардии и треперење на мускулите. Сепак, количината на кофеин што доведува до овие несакани ефекти многу варира кај поединци. Некои можат да пијат кафе колку што сакаат, додека други чувствуваат симптоми дури и со мали количини на кофеин.

Црн дроб
Органите се најхранливите делови на животните, а црниот дроб е најхранлив од сите. Многу е богат со есенцијални хранливи материи, како што се железо, витамин Б12, витамин А и бакар.

Сепак, порција од 100 грама говедски црн дроб содржи повеќе од шест пати повеќе од препорачаната дневна доза на витамин А и седум пати поголема од препорачаната дневна доза на бакар.

Витаминот А е растворлив во масти, што значи дека се складира во нашето тело, па вишокот може да предизвика симптоми на труење со витамин А. Овие симптоми може да вклучуваат проблеми со видот, болки во коските и зголемен ризик од фрактури, гадење и повраќање.

Конзумирањето премногу бакар може да предизвика труење со бакар. Ова може да доведе до оксидативен стрес и невродегенеративни промени и може да го зголеми ризикот од Алцхајмерова болест.

Иако црниот дроб е неверојатно здрав и хранлив, не треба да се консумира секојдневно. Доволно е да се јаде еднаш неделно.

Зелка и други намирници од семејството зелки
Овие зеленчуци вклучуваат, меѓу другото, брокула, прокељ, кељ, зелка. Тие имаат многу здравствени придобивки, како што се намален ризик од рак и срцеви заболувања. Овие зеленчуци сочинуваат голем дел од дневниот внес на зеленчук кај луѓето. Тие станаа многу популарни и како состојки во разни зелени смутиња и свежи сокови од зеленчук.

Сепак, соединенијата во овој зеленчук наречени тиоцијанати може да ја попречат способноста на телото да апсорбира јод. Ова може да придонесе за развој на хипотироидизам, болест која се карактеризира со слаба функција на тироидната жлезда. Симптомите вклучуваат зголемена тироидна жлезда, зголемување на телесната тежина, запек, сува кожа и намалено ниво на енергија.

Иако зеленчукот со крстовиден облик како брокулата е многу здрав, додавањето големи количини во смути или зелени сокови може да придонесе за висок внес на овие соединенија.

Луѓето кои се чувствителни на проблеми со тироидната жлезда треба да избегнуваат конзумирање на овој зеленчук во големи количини.

Бразилски ореви
Бразилските ореви се меѓу најдобрите диететски извори на селен. Селенот е есенцијален елемент во трагови, но може да биде токсичен во големи количини.

Препорачаната дневна доза на селен е 50 до 70 микрограми дневно за возрасни. Дополнително, горното ниво на толеранција за безбедно внесување е околу 300 микрограми дневно за возрасни.

Еден голем бразилски орев може да содржи до 95 микрограми селен. Ова е повеќе од препорачаната дневна количина за возрасни и повеќе од три пати поголема од количината што им е потребна на децата. Јадењето само четири до пет бразилски ореви може да го стави возрасен човек на горната граница на безбеден внес на селен, па затоа не се препорачува да се јаде повеќе од тоа.

Симптомите на токсичност на селен вклучуваат губење на косата и ноктите, дигестивни проблеми и проблеми со меморијата.

Заклучок
Сите намирници на оваа листа се неверојатно здрави. Меѓутоа, само затоа што нешто е здраво во мали количини, не значи дека големите количини се уште поздрави. Кога станува збор за исхраната, повеќе значи секогаш и подобро.