Има уште? Вински салон, вински водич, преубави вина, фудул луѓе и за рифреш – коктел со ракија од лаванда

541

Мора да признаеме, освен прекрасните вина на малите семејни винарии кои дури ни тоа што е време на берба на грозјето не ги спречи да одвојат дел од своето скапоцено време за да им ги претстават своите вина на љубителите на овој боженствен напиток на Slow wine 2024, вниманието на „Арт кујна“ го привлече и убавата битолска фудул публика.

Овој викенд во Битола се одржа петтиот вински салон Slow Wine 2024.

Во преубавата атмосфера на неодамна реконструираното Пацио (централен двор) на битолскиот музеј се претставија околу 25 мали винарии кои со гордост ги презентираа своите вина.

Мора да признаеме, освен прекрасните вина на малите семејни винарии кои дури ни тоа што е време на берба на грозјето не ги спречи да одвојат дел од своето скапоцено време за да им ги претстават своите вина на љубителите на овој боженствен напиток, вниманието на „Арт кујна“ го привлече и убавата публика.

Да, да, секако дека станува збор за битолчани-фудул луѓе кои и овојпат си го оправдаа тој нивни „фудул“, зборот кој си го влече своето потекло од османлискиот период, а значи дека не бива човек да излезе недотеран од дома.

Сте виделе ли досега битолчанец кој не е фудул? Ние не, а особено на еден ваков убав настан.

Пирка ветре после пеколниот ден, небото над нас полно со ѕвезди, а од сите страни во овој преубав двор на музејот, наредени најубавите вина кои постојано ги точеа нашите вредни, по малку изморени, ама сепак насмеани и ведри винари.

И тука, во рамките на овој вински салон беше промовиран и вториот Slow Wine Водич 2024, со кој Слоу Фуд Македонија продолжува да им дава видливост на македонските винарии, особено малите семејни винарии и сите оние кои се залагаат за зачувување на автохтоните и регионални сорти, биодиверзитетот и регенерацијата на почвите.

Второто издание на водичот, како и првото, го потпишува авторката Ивана Симјановска, овојпат потмогната од коавторката Вања Тодоровска и е одличен водич за љубителите на добрите вина и приказните за нив, а во него се претставени 27 мали винарии.

И како шлаг на вечерта, покрај многуте прекрасни вина, беше и коктелот за кој чекаа ред и винарите и убавите битолчанки.

Редот беше пред штандот на скопската В’К крафт дестилерија, која стана особено препознатлива по својата ракија со лаванда и ликерот, а особено по својот коктел со ракијата од лаванда кој беше одличен за освежување, после и помеѓу сите тие убави вина.

Токму оттука и хајлајт на вечерта беше сликата на убавата битолчанка со бели бисери која постојано прашуваше: Има ли уште?

Но и сликата на двајцата винари, Гоце Станоески од прилепската „Сарика“ и Марјан Коцев од винарија Коцев кои срамежливо, на „фајронт“, ја искористија последната шанса да се освежат со коктелот на Јуле и Јорде од В’К.