Интерфест фуд: Натпревар со торти, пица шампионат, војничко гравче…

118

Со оглед на сите претходни години од одржувањето на манифестацијата „Интерскопкејкс“ во организација на Снежана Ангеловска и нејзината хуманитарна организација „Ангелчиња“, годинава очекуваме едно уште поинтересно и најшаренолико издание кое овојпат ќе оди под називот Интерфест фуд и ќе биде, за жал, последно во нашата земја

Манифестацијата Интерскопкејкс на којашто се натпреваруваа најубавите торти и која се одржуваше традиционално во центарот „Веро“ во Скопје, годинава, поточно на 12.10. (сабота), ќе се одржи во поинакво и проширено издание под називот – Интерфест фуд.

Имено, сега, освен натпревар на торти, ќе има и пица шампионат, национална кујна и војничко гравче, како и натпревар во брзо јадење, блек бокс, едукативни работилници, гости од странство и многу забава за посетителите.

Учество ќе земат натпреварувачи од нашата и околните земји, Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Хрватска, Италија, а сѐ што ќе биде изготвено за манифестацијата е наменето за хуманитарни цели.

„Изработените креации по завршувањето на манифестацијата ќе бидат подарени на хуманитарното здружение „Св. Спас“ кое ќе им ги подели на социјално загрозените семејства“, вели Снежана Ангеловска која е и иницијатор и творец на манифестацијата.

За жал, поради незаинтересираност на градските власти за продолжување на оваа манифестација која годинава се одржува по 15-ти јубилеен пат, ова ќе биде и последно издание кај нас, а понатаму манифестацијата се сели во Белград, кај нашите соседи.

Организаторката вели дека ова последно издание е целосно во организација на нејзината хуманитарна организација „Ангелчиња“, центарот „Веро“ и Федерацијата на угостителско-туристички средни училишта, а со поддршка од Академијата за пица мајстори – Accademia Pizzaioli и од средното училиште „Лазар Танев“.

Инаку, Снежана ја знаеме и како творец на најтешката торта во државата која тежеше цели 100 килограми, како и на најдолгата, седумметражна торта.

Впрочем, таа е секогаш таму кадешто се најубавите торти, а нејзиното име е синоним за „ангелчињата“, хуманитарната организација која ја основаше во 2001 година кога ја победи и тешката болест и посака да им помага на оние на кои им е тоа потребно преку организирањето на најслатките хуманитарни манифестации, тортијадите „Слатка мистерија“ и „Интерскопкејкс“

„Приказната е малку емотивна па ќе бидам кратка во врска со неа. Пред околу 20 години се разболев, ја добив поддршката од луѓе кои ги познавав, но и од многумина кои не ги познавав, а ми помогнаа да го надминам проблемот кој го имав и кој траеше со години. Тоа ме поттикна да станам дел од оние што помагаат, да подадам рака за сите кои ќе се најдат во таква ситуација во каква што бев и јас и која се случува понекогаш во животот и ја основав хуманитарната организација „Ангелчиња“. Почнавме со мојот син, неговите другари, потоа, луѓе заболени од канцер, нивни роднини, сите заедно соработувавме, доаѓавме до идеи кои се реализираа со поддршка на сите оние луѓе кои се родени со хуманост“, вели Снежана во разговорот за „Арт кујна“.

Инаку, Интерфест фуд ќе се состои од ревијален дел кој ќе трае од 10 до 16 часот и официјален дел во кој ќе биде проследена програмата со претставување на натпреварувачите, прогласување на победниците, доделување награда за животно дело, како и доделување на благодарници за излагачите на оваа манифестација.

Со оглед на сите претходни години од одржувањето на оваа манифестација, годинава очекуваме едно најинтересно и најшаренолико, но за жал, последно издание.