Ишмукајте и фрлете: Пржени зачинети камчиња се популарна улична храна во Кина (ВИДЕО)

Фото: Јутјуб
252

Ишмукајте ги и фрлете ги. Суо Диу е најтврдото јадење на светот кое се продава како улична храна во Кина и чини по 2 евра за порција. Станува збор за зачинети пржени КАМЧИЊА!!!

Денеска некако ни тргна со текстовите за необични јадења. За разлика од кактусите, кои можат да бидат вкусни, ова последново, изгледа како најголема глупост. Мислам, баш е некако и соодветно за времево кога е се поскапено по продавниците и пазарите, па ни останува да почнеме да јадеме камења. Иако ми се чини дека овие, кои ги продаваат како популарна улична храна во Кина, се всушност прилично скапи. И не е дека камчињата се буквално за јадење, туку за шмукање. Ишмукајте и фрлете, тоа е принципот, а ќе ве чини 16 јуани или околу 2 евра за порција. Познато е како Суо диу, најтврдото јадење на светот, а благодарение на социјалните мрежи, стана исклучително популарно во последните неколку недели.

А кога ќе ми текне дека на самиот почеток од средношколските денови со другарка ми Кате продававме на плоштад нацртани камења како украси и сувенири. Иако беа многу убави, повеќето од минувачите реагираа викајќи: „како не ви е срам, камења ќе ни продавате!“ Ама тоа беа други времиња, кога не се почитуваше претприемничкиот дух на децата, туку требаше само на школо да се мисли.

Како и да е, ова јадење е нов хит на улична храна на кинеските улици – пржени камчиња (stir fry). Наместо зеленчук, морска храна или месо, во врелото масло се фрлаат камчиња и се мешаат со масло од чили, разни зачини, лук и пиперки исечкани на коцки.

Името на јадењето, suo diu, од кинески се преведува како „ишмукај и фрлај“. Имено, на купувачите им се послужуваат ароматизирани камења во кутии со големина на дланка, а на нив останува да ги ишмукаати вкусовите од камењата и потоа да ги фрлат.

Всушност, можете и да си ги однесете дома како сувенир.

Се верува дека самото јадење е старо неколку стотици години и потекнува од провинцијата Хубеи. Наводно, го измислиле лаѓари кои заглавиле по пат и останале без храна, а на овој начин подготвувале камчиња за да си го задоволат гладот.

Како се прави suo diu на кинеските улици, погледнете во видеото подолу.