Италија забрани месо од лабораторија: За производство и продажба на „култивирано месо“ ќе има високи казни

Фото: Freepik
269

Италија стана првата земја во Европската унија што го забрани месото произведено во лабораторија од клетки од животинско ткиво. Законот за ова, предвидува високи казни, а забранува и опишување на протеините од растително потекло како „месо“.

Италија го забрани производството и продажбата на „култивираното месо“, наведувајќи ги здравствените проблеми и потребата да се заштитат сточарите, иако овој производ сè уште не е одобрен за продажба во Европската Унија.

Таа стана првата земја во ЕУ што го забрани „култивираното месо“, произведено во лабораторија од клетки од животинско ткиво.

Законот за ова, кој го одобри Парламентот со закана со високи казни, забранува и опишување на протеините од растително потекло како „месо“.

Многу компании ширум светот продаваат „алтернативи за месо од растително потекло“ кои се рекламираат како решение за етичките прашања околу индустриското земјоделство и решение за животната средина, бидејќи сточарството е една од главните причини за емисиите на стакленички гасови.

Продажбата на „култивирано месо“ во моментов е дозволена во Сингапур и во САД, но не и во ЕУ, иако европските компании собраа средства за финансирање на истражување за тоа. ЕУ го смета „одгледуваното месо“ за „нова храна“ и како такво, како и секој нов производ, треба да добие одобрение за ставање во промет.

Италијанскиот министер за земјоделство Франческо Лолобриџида рекол дека „култивираното месо го раскинува благородниот однос меѓу земјата, човекот и работата што нè придружуваше со милениуми и ни овозможи да ја обработуваме земјата“.

Италијанската невладина „Меѓународна организација за заштита на животните“ смета дека новиот закон е непотребен „бидејќи “култивираното месо’, сè уште не е одобрено за човечка исхрана во Европа и затоа не може да се пласира на пазарот“.