Изум за недоделкани луѓе: Знаете ли зошто ножевите за јадење имаат заоблен врв?

Фото: Unsplash
257

Кој знае како би изгледале ножевите со кои мачкаме путер или џем на леб да не бил строгиот кардинал Ришелје…

Дали некогаш сте се запрашале зошто ножевите за јадење имаат заоблен врв? Историјата има одговор и на тоа прашање. Кој знае како би изгледале ножевите со кои се мачкаат путер или џем врз лебот да не бил кардиналот Ришелје (Арман Жан ду Плесис), кој живеел во 17 век и бил првиот министер во Државниот совет на Луј XIII . Дотогаш ножевите имале зашилени врвови.

Ришелје, чувствителен кога е во прашање храната и однесувањето на трпезата, во една прилика му приговорил на еден гостин кој решил да го употреби врвот на ножот за да ги исчепка остатоците од храна меѓу забите. На кардиналот му здодеало грубото однесување – од забивање на ножевите во месо и друга храна кога на гостите ќе им затребале слободни раце, па до исчепкување на остатоците од храната меѓу единиците и двојките. Еден ден му пукнал филмот и им рекол на слугите да се ослободат од сите зашилени ножеви и да ги заменат со заоблени.

Набргу потоа, францускиот крал Луј XIV. ги забранил шилестите ножеви – на масата, но и како оружје – за да се обиде да стави крај на вообичаеното насилство од тоа време, што дополнително ја зацементирало позицијата на ножот за трпеза со заоблен врв како преферирана форма на приборот за јадење.

Овој стил набрзо се проширил во Франција, а потоа и во голем дел од западниот свет. До деветнаесеттиот век, на многу места станало невозможно да се набоде грашок со нож. Со текот на времето, обликот на ножот за јадење се променил. Стана малку поширок за да може храната од чинијата полесно да стигне до виљушката и за полесно мачкање на парчето леб.

Затоа, следниот пат кога ќе земете нож во рака, сетете се на кардиналот кој ја промени историјата.