Јадете си пченица додека сте живи, оти после други ќе ви ја јадат

327

Не е неопходно да го избегнувате глутенот, а со тоа и варената пченица, доколку не сте алергични на пченица, доколку немате проблем со иритабилно дебело црево или целијачна болест. Во спротивно, пченицата има некои здравствени придобивки и не мора да ја јадете само на погреби и слави. Направете си понекогаш и некоја салата…

Обично за некој кој живее погрешно, односно, на начин кој може да предизвика наскоро да се соочи со смртта, се вели: „Како тргнал, ќе му ја јадат пченицата“!

Имено, пченицата долго време беше само асоцијација за умирачки и за слави, а и сега не е многу сменето.

На пример, варам пред некој ден големо тенџере со пченица и како на когому ја нудам, речиси сите ги креваат веѓите онака прашално, демек, кој умрел?

Или пак, избезумено вртат лево-десно со главата велејќи: Каква пченица, знаеш ли ти колку глутен има пченицата? Велам, а алергични сте на глутен? Не, незнам, ама нели не е добро да се јаде глутен?!

Дали е навистина така или станува збор само за тренд?

Неодамна, исхраната без јаглени хидрати стана популарна меѓу луѓето кои немаат проблеми со варењето на глутенот. Точно е дека глутенот се намалува главно поради здравствени причини и гастроинтестинални проблеми, но луѓето исто така го намалуваат и само затоа што мислат дека е штетен или затоа што слушнале дека и Новак Ѓоковиќ го исфрлил од исхраната.

Но, не е неопходно да го избегнувате глутенот доколку немате проблеми со него. Иако, луѓето со одредени здравствени состојби ќе забележат голема разлика откако ќе се откажат од храната што содржи глутен. Луѓето од кои се бара да следат диета без глутен вклучуваат:

Луѓе алергични на пченица
Алергијата на пченица можеби не е поврзана со глутенот, но е многу поврзана со него. Повеќето луѓе со алергии на пченица следат диета без глутен бидејќи и двете состојки често се наоѓаат во истата храна. Лицето со алергија на пченица треба да избегнува пченица, но може безбедно да консумира глутен без никакви негативни ефекти.

Луѓе со синдром на нервозно дебело црево (IBS)
Нема јасен доказ зошто пченицата е проблематична за луѓето со ИБС, но истражувањата сугерираат дека следењето на диета без глутен е важно за овие пациенти.

Целијачна болест
Целијачната болест бара целосна апстиненција од глутен. Тоа е состојба во која имунолошкиот систем на една личност ги напаѓа ткивата по консумирање на глутен, што резултира со оштетување на цревата или тенкото црево, што резултира со неможност да ги апсорбира хранливите материи. Јадењето глутен предизвикува абнормална реакција на имунолошкиот систем што доведува до несакани здравствени ефекти. Еден од основните третмани за оваа сериозна медицинска состојба е следењето на исхрана без глутен.

Иако во поново време пченицата е асоцијација за нешто забрането, поради глутенот, всушност, ако немате проблем со последново, таа е корисна и здрава.

Здравствени придобивки од пченицата

Пченицата делува превентивно кај одделни здравствени состојби, како што се опстипација, хемороиди и рак на дебелото црево, а ги регулира и крвниот притисок и триглицеридите.

Пченицата е зрно без кое е незамислив живот во голем дел од светот, околу четвртина од обработливото земјиште на планетата е посеано со ова зрно. За разлика од рафинираните зрна, целото зрно пченица е храна која може да го намали ризикот од дијабетес и срцеви заболувања. Варената пченица е богата со растителни протеини, витамини и минерали, богата е со витамини Б, важни за зајакнување на имунитетот. Луѓето чувствителни на глутен не треба да ја јадат.

Рафинирани и цели зрна
Рафинираните житарки, односно, житарките чии зрна се преработени, не се препорачуваат, бидејќи од нив со преработката се отстрануваат голем број на хранливи материи. Внесувањето интегрални житарки, пак, се препорачува како добра превенција против многу болести.

Помага во намалување на телесната тежина
Пченицата од цело зрно, и покрај нејзината калориска вредност, е одличен начин за контрола на телесната тежина. Во 100 грама пченица има 335 калории, 12 грама протеини, 61 грам јаглени хидрати, 1,9 грама шеќер, 11 грама влакна, 2 грама масти. Во една студија, жените кои конзумирале производи од цели зрна во текот на подолг временски период имале помала телесна тежина. Се верува дека варената пченица спречува појава на метаболички синдром, таложење на маснотии во пределот на стомакот.

Варената пченица го подобрува метаболизмот и придонесува за создавање на добар (ХДЛ) холестерол, го регулира нивото на триглицериди и крвниот притисок. Лекарите препорачуваат леб од цели зрна и друга храна богата со растителни влакна. Истражувањата покажаа дека рафинираните житарки не само што ја зголемуваат телесната тежина, туку и го зголемуваат ризикот од отпорност на инсулин.

Пченицата дава енергија, млада и мазна кожа
Зрното од пченица е богато со витамин Б, кој му дава енергија на телото. Целото жито содржи сложени јаглехидрати, кои обезбедуваат чувство на ситост и повеќе енергија во подолг временски период. На луѓето кои страдаат од недостаток на витамин Б им се советува почесто да консумираат цели зрна пченица. Има лековито дејство на кожата, косата и апетитот. Селенот, витаминот Е и цинкот во пченицата ја негуваат кожата и спречуваат појава на акни.

Високата содржина на влакна го одржува дигестивниот систем на оптимално ниво и на тој начин го регулира редовното отстранување на токсините од телото. Цинкот во пченицата ја зајакнува косата и ја штити од оштетување предизвикано од фактори на животната средина. Се смета дека витаминот Е, ниацинот и цинкот во интегралната пченица го намалуваат ризикот од макуларна дегенерација и катаракта.

Го намалува хроничното воспаление
Содржината на бетаин во пченицата може да спречи хронично воспаление кое предизвикува развој на ревматски заболувања. Варената пченица има антиинфламаторно дејство, го намалува ризикот од остеопороза, срцеви заболувања, пад на когнитивните способности и дијабетес тип 2. Се верува дека може да го спречи дејството на факторите кои придонесуваат за формирање на камења во жолчката. Целата пченица е богата со нерастворливи влакна, брзо се вари и го регулира лачењето на киселината, за која, според некои студии, се смета дека е главната причина за формирање на камења во жолчката.

Ги ублажува симптомите на постменопауза, го регулира варењето
Поголемиот внес на нерафинирани производи од пченица, богати со растителни влакна и протеини, може да ги регулира хормоните и да ги намали непријатните симптоми на постменопаузата. Се смета дека изртената пченица е одличен извор на антиоксиданти кои можат да помогнат во детоксикација на црниот дроб. Експертите ги советуваат сите кои имаат лошо варење да користат варена пченица еднаш неделно. Влакната од варената пченица помагаат при воспаление на дебелото црево и неправилна столица. Овие влакна содржат млечна киселина, која ослободува добри бактерии во дебелото црево и на тој начин го олеснува варењето.

Штити од проблеми со срцето
Целата пченица е богата со растителни лигнани, кои можат да не заштитат од срцеви заболувања. Дански магазин објави студија која покажа дека жените кои јадат цели зрна имаат значително повисоки нивоа на лигнани во крвта. Варената пченица е богата со диетални влакна, кои можат да го намалат крвниот притисок и на тој начин да го заштитат организмот од мозочен удар. Студијата објавена во British Medical Journal посочува дека луѓето кои не се чувствителни на глутен не треба да избегнуваат пченица.

Можен антиканцероген ефект
Пченицата може да има антиканцерогено дејство, некои студии тврдат дека околу 30 грама варена пченица дневно е доволно за да се намали ризикот од рак на дојка. Според некои студии, жените кои консумирале цели зрна во менопаузата го намалиле ризикот од рак на дојка за 41 отсто. Пченичните трици значително го намалуваат лачењето на жолчните киселини и бактериските ензими, за кои се верува дека го спречуваат ракот на дебелото црево. Според некои експерти, пченичните трици содржат лигнани, фитонутриенти кои можат да го инхибираат растот на клетките на ракот.

Влијае на расположението
Железото, фолната киселина, витамините Б и Е во пченицата влијаат на серотонинот и го зголемуваат нивото на енергија. На овој начин може да се ублажи депресијата, да се подобри расположението и општото здравје.

Како да се подготви пченица?
Вечерта пред варењето, пченицата треба да се натопи во вода, кога ќе отстои, се процедува и се додава свежа вода. Гответе на тивок оган 35 до 40 минути. По готвењето, покријте и почекајте зрното да набабри. Може да се користи во солени и слатки варијанти со додавање на мед, ореви и цимет, но добро оди и со чорби, салати, супи.