Како се „месеше“ ѓеврекот! Дознајте до каде е создавањето на новото скопско ѓеврече

1.332

Кога целото соседство на средното угостителско „Лазар Танев“ во Скопје ќе замириса на печен сусам, знајте дека се пече новиот скопски ѓеврек. Победничкиот рецепт на Маја Лазаревска ги обедини поранешните и сегашните ученици, професорите и секако, организаторите од АРНО, во создавањето на идниот гастрономски симбол на градот – новиот скопски ѓеврек

Деновиве, од кабинетот по пекарство на СУГС „Лазар Танев“ се ширеше прекрасна арома на печен сусам и тазе пецива. Всушност, станува збор за првата работилница со победничката од натпреварот „Смисли го кругот“, Маја Лазаревска, алијас, Готвиме со Маја.

По победата на натпреварот насловен како „Смисли го кругот“, кој е иницијатива на здружението за социјални иновации „АРНО“, рецептот за ѓеврек со сусам, јаболко и младо сирење стана вистински предизвик за младите кулинари.

Со многу внимание и посветеност, Маја Лазаревска која смисли навистина оригинален рецепт за новиот скопски ѓеврек, ги обучуваше учениците за правење на тестото, за техниките за неговата изработка и за сите нејзини мали и големи тајни и кулинарски совети за изработка на ова печиво за кое се надеваме дека ќе стане и нов гастро симбол на Скопје.


Кулинарите-ученици беа вклучени во изработката од почеток до крај, работеа поделени во групи и според сопствен план направија тесто, фил, печеа и на крајот дегустираа залчиња од новите скопски ѓевречиња. Од голема помош беа и професорката Мартина и менторите шеф Антонио и шеф Данче (дел од кулинари.мк и поранешни ученици од СУГС „Лазар Танев“).

Мирисот на печен сусам и прекрасната атмосфера која е очигледна и на фотографиите од работилницата во кабинетот по пекарство се само почеток бидејќи следуваат и други активности кои ќе му донесат нови вкусови на нашиот град.

Работилниците се спроведуват во рамки на проектот „Кулинари во акција – социјално претприемништво за импакт“ кој е иницијатива на АРНО, а се имплементира во соработка со СУГС „Лазар Танев“- Скопје. Оваа иницијатива се спроведува со поддршка од Европската Унија во рамки на проектот „Младите – агенти на променa“ кој го спроведуваат Центар за Интеркултурен Дијалог, Сојуз на извидници на Македонија и Центар за истражувања и анализи НОВУС.