Кафе ли е, колаче ли е? За историјата на кафето, од 15 век до денес

Кафињата на фотографијата се од кафулето „7 грама“ во ТЦ „Лептокарија“
172

Од кафето кое се правело на почетокот до она во што тоа се претвори денес, има огромна разлика. Освен оние веќе стандардизирани кафиња, како филтер, еспресо, инстант, „турско“, сега се прават уште многу, многу различни и интересни комбинации. Кое е вашето омилено кафе, кој од новите трендови во подготвувањето на кафе најмногу ви се допаѓа и како го пиете најчесто кафето наутро?

Еден од најпопуларните пијалaци – кафето, се прави од мелени зрна од истоименото растение од семејството Rubiacceae. Дрвото на ова растение расте до три и пол метри кое дава плод во форма на зрно од бобинки (црвена или розова боја). Најдобро успева на повисоки надморски височини. Денешниот препознатлив изглед на кафето, темно кафеава, се добива по термичката обработка. Не се знае со сигурност кога е откриено ова растение, но познато е дека потекнува од Етиопија, земја во источна Африка.

Во Етиопија првично се користело како додаток на оброк или за правење вино, а како топол пијалак се конзумирал во 15 век на подрачјето на Арапскиот Полуостров (област на денешната држава Јемен).

Една легенда вели дека кафето било откриено кога еден етиопски овчар забележал дека неговите кози одеднаш станале поенергични. Набрзо сфатил дека нивната хиперактивност се должи на грмушката чии бобинки им служеле како храна. Тоа било грмушка со кафе. Откако самиот ги вкусил плодовите на ова растение, ја забележал кај себе истата реакција како и кај неговите кози. Останатото е историја.

Арапите ја чувале тајната за одгледување и подготвување кафе со векови, но Индијците успеале да го пронајдат рецептот и почнале да го одгледуваат во Индија. Во 1554 година, двајца Сиријци донеле кафе во Цариград. Со културата на пиење кафе доаѓаат општествени промени и луѓето почнуваат да се собираат заедно и да уживаат во ритуалот на пиење кафе. Така настанале првите кафани. Во 17 век кафето од Цариград пристигнало во Република Венеција, од каде постепено се проширило низ Европа. Во Англија, првата кафана се отвора во 1583 година во Корнхил. До 1675 година, во Англија биле отворени повеќе од 3.000 кафани. Во 1645 година била отворена првата кафана во Италија. Во Франција и Англија кафето станува толку популарно што станува попопуларно и побарано од чајот во Англија или од виното во Франција.

Трговијата со кафе набрзо почнала да се шири низ Европа, а подоцна и на американскиот континент, каде што растението го донеле колонистите. Двата најчесто одгледувани типа на кафе се арабика и робуста. Арабика сочинува 75-80% од вкупното светско производство на кафе, а робуста околу 20%. Други познати видови се либерика, екселса, стенофила, арабуста. Постојат неколку начини за подготовка на кафе, а некои од најпопуларните се: „турско кафе“, филтер кафе, еспресо, инстант кафе, ирско кафе и капучино. Најголемиот производител на кафе денес е јужноамериканската земја Бразил, каде годишно се произведуваат околу 7 тони кафе. Производството на кафе е, по нафтата, второ по големина во светот.

Кога почнале да конзумираат кафе луѓето немале поим до кој степен ќе дојде неговото користење денес. Во текот на изминатите неколку векови, кафето стана индустрија за себе, а влезе и во индустријата за бонбони, чоколади, алкохолни пијалаци, а неодамна и во козметичката индустрија.

Пиењето кафе е ритуал сам по себе, како што е миењето лице наутро. Тоа е многу поважно од појадоко и од попладневниот одмор. Денот едноставно започнува со првата голтка од нашето омилено кафе, а подеднакво уживаме и во она попладневното.

За некои закон е „турското“ или домашното кафе, за некои „нес-кафе“, односно инстант кафе (кога брендот е толку силен што станува име на целата категорија), за многумина пак ништо без еспресо или филтер кафе. Неговата важност почнува веќе од изборот на местото кадешто ќе го пиеме, од неговиот мирис, посебната шолја. Со него полека се навлегува во работата кога го пиеме на работното место или кога се зборува за некои незадолжителни теми, но и за сериозни теми.

Пиењето кафе е почеток на многу пријателства, љубовни состаноци, опуштени викенди, но и крај на истите. Има вкус што непогрешливо можеме да го замислиме,… бидејќи нашите сетила со текот на годините се толку префинети што квалитетот го препознаваме уште во првата голтка.

Вистинските љубители на кафе ќе ви кажат дека сè е важно… не само кое кафе е, туку и водата, шолјата, колку е печено, за која мешавина станува збор, дали има повеќе Арабика (појак вкус) или Робуста (послаб вкус), кога ќе се меле, колкава доза е доволна за шолја еспресо со врвен квалитет, од која машина се прави „добро кафе“ и така натаму.

Но она што е особено интересно е и тоа што се отиде дотаму што во некои кафулиња толку убаво ќе ви го дотераат и ќе го збогатат со разни вкусови што на крајот се чувствувате како и да не сте се напиле кафе.

Да, има многу вкусни и интересни комбинации па така сега е тренд на пример, кафето со портокал, кафето со сладолед, со чоколадо, со различни зачини и додатоци и кафулињата се натпреваруваат кој ќе има повеќе избор и подобро декорирано кафе, а вие ќе се најдете како долго размислувате кое кафе од менито да го одберете или кое можеби сѐ уште не сте стасале да го пробате.

Етиопија

Колку и да изгледа сето тоа убаво, со оглед на тоа што Етиопија е земјата каде што настанало кафето и кадешто е длабоко вградено во културата и обичаите на оваа земја, па Етиопјаните знаат да кажат „Buna dabo naw“, што значи – кафето е нашиот леб, со најголемо задоволство би го пробале токму тоа нивното, и тоа, онакво, традиционално, за кое се потребни и неколку часа. Имено, церемонијата на пиење кафе игра голема улога во животот на Етиопија па жените поминуваат и до три часа дневно печејќи го и подготвувајќи го кафето. Погледнете ги фотографиите од церемонијата на подготвување кафе во Етиопија снимени од фотографот Кери Неш.

Кенија

Кенија, која е еден од главните производители на кафе, е позната по „Кахава чунгу“ или горко кафе кое се подготвува во специјални месингани садови, котлиња, многу слични на традиционалните котлиња во кои во Британија се варела вода за чај.

Франција
Французите обично денот ќе го започнат со cafe au lait, топло кафе со многу пенесто изматено млеко, кое ќе го пијат додека појадуваат вкусни кроасани.

Норвешка
Норвежаните имаат интересен обичај кој вклучува носење топло кафе со себе во термос за да го пијат кога се одмораат од пешачење, планинарење или поминување време надвор. Топлото кафе ќе ги загрее и ќе ги оживее. „Turkaffe“ или како што лабаво би го превеле планинарското кафе е една од најстарите традиции за кафе што Норвежаните ја негуваат. Често ова кафе се подготвува надвор (ако кампуваат со помош на плинска боца или на камперски оган).

Италија
Ако нарачате кафе во кафуле во Италија, келнерот ќе ви донесе одлично, силно еспресо – краток пијалак што можете да го испиете во две голтки. Типично еспресо се служи во мали, бели чаши кои можете да ги држите со два прста. Овој концентриран пијалок е вистински извор на енергија.

Австрија
Во Австрија ќе ви послужат кафе што го нарекуваат „Wiener Melange“ и тоа е еден вид капучино. Се служи во стандардни чаши за капучино украсени со богата, млечна пена.

Ирска
Мешавина од кафе и алкохол? На примерот на ирското кафе, ова е мешавина од соништата. Богатото, кремасто, вкусно кафе измешано со виски ќе ве загрее во зимските денови. Легендата вели дека ова популарно кафе настанало во 1940-тите, кога една студена, зимска вечер во Лимерик, дојденци од Америка побарале силно кафе за да се загреат.

Индија
Според легендата, Индија првпат се сретнала со кафе во 16 век кога Баба Будан, исламски пророк кој ги открил придобивките од овој пијалак на пат кон Мека, прошверцувал неколку зрна со него. Индија е позната по филтер кафето, кое е многу популарно на југот на земјата. Се подготвува со долго готвење со помош на специјален метален филтер. Се служи со малку млеко и многу шеќер.

Виетнам
Ајс кафе, односно, леденото кафе е популарно низ целиот свет, но особено во Виетнам. Виетнамците го пијат со засладено млеко.


Турција
Турската изрека дека „кафето треба да биде црно како пекол, силно како смрт и слатко како љубов“ го опишува односот што го имаат Турците кон овој пијалак. Се готви во ѓезве и има карактеристичен силен вкус. По пиењето, на дното на чашата останува црн, густ талог. Луѓето често погрешно мислат дека турското кафе е посебен вид кафе, но всушност тоа е само специфичен начин на подготовка на кафето. Најчесто се служи со локум.

Јапонија
Во Јапонија се консумира и ладно и топло кафе, кои се широко распространети и продавани во речиси сите комерцијални места. Конзервираното кафе, кое е многу популарно во Јапонија, првпат се појавило во продажба во 1960-тите.

Куба
Кафето е составен дел од кубанскиот начин на живот уште од 18 век кога француските фармери кои бегале од револуцијата ги донеле посевите на Хаити и почнале да го одгледуваат таму. Наскоро популарноста на кафето и неговото производство се зголемило и енормно се проширило. Кубанското кафе е слатко, силно еспресо кое се меша со шеќер во процесот на подготовка. Слично на италијанското еспресо, Кубанците имаат свој ритуал на пиење силно утринско кафе кое обично се пие од мали шолји.

Америка
Американците сакаат кафе, а најчесто го пијат со богат крем и многу шеќер. Покрај бројните видови кои се популарни, може да го издвоиме „Американо“ – тоа е начин на подготовка на кафе кое во Америка го донеле италијански емигранти. Американо е еспресо подготвено со топла вода. Особено е популарен меѓу Италијанците и Латино-американската популација.


Мексико
Кафето во Мексико е егзотично и ароматично. Збогатено е со цимет и шеќер, а традиционално се служи во глинени садови кои ја истакнуваат неговата дрвенеста арома.

Кафето може да го консумира секој, затоа што, така да се каже, нема никаква штета за телото ако се консумира во нормални количини. Содржи оксална киселина, која ја има и во спанаќот и црниот чај, која има својство да ги врзува јоните на калциум за себе. Ова објаснува зошто се препорачува додавање млеко во кафето, во чајот, во спанаќот… за да се компензира калциумот.

Има „освежувачки“, стимулирачки ефект врз човечката психа, поради присуството на добро познатиот кофеин.

Кое е вашето омилено кафе, кој од новите трендови во подготвувањето на кафе најмногу ви се допаѓа и како го пиете најчесто кафето наутро?