Доколку сакате да подготвите шампињони со совршен вкус, тогаш дознајте кога и како се мијат и се солат.
Шампињоните можете да ги користите во многу јадења, тие се многу практични, здрави и вкусни. Печурките се додаваат во пица, во салати, рижото, од нив можете да направите предјадење, но и главно јадење. Има безброј можности, но многу е важно како ги подготвувате. Многу домаќинки често грешат кога ги подготвуваат и затоа шампињоните не се секогаш доволно вкусни. Не е тешко да се направат совршени печурки, важно е само да внимавате на неколку работи.
Една од најголемите грешки е тоа што многу луѓе сакаат да ги измијат печурките пред термичката обработка. Печурките веќе имаат многу вода во себе, а благодарение на нивната текстура делуваат како сунѓери. Тоа значи дека тие апсорбираат уште повеќе вода кога се мијат и стануваат натопени. Многу е подобро едноставно да ги избришете со влажна крпа. Друга грешка во врска со водата што ја прават луѓето е бавното готвење на печурките на ниска температура. Овој вид на термичка обработка предизвикува печурките да испуштаат повеќе вода од вообичаеното и на тој начин стануваат влажни и го губат својот вкус.
Водата е еден од најголемите непријатели при подготовката на печурките, но има уште некои работи на кои треба да обрнете внимание. Една од нив е и да не ја преполните тавата со печурки бидејќи тогаш немаат доволно простор да испари водата и ќе имаат полош вкус.
Исто така, уште една важна работа е да ставите доволно масло. Ако не сте ставиле доволно, печурките ќе го впијат тоа што го има и нема да можат убаво да се испржат.
И последниот, но не и најмалку важен трик е да знаете кога да ги посолите печурките. Никогаш не ги посолувајте кога ги ставате во тавата, бидејќи тоа предизвикува и предвремено испарување на водата. Ако сакате да ги направите совршено тогаш посолете ги кога ќе бидат готови.