Како да направите домашен вегански или вегетаријански мајонез?

Фото: Pexels
241

Имаме неколку рецепти за вегански мајонез и еден за вегетаријански. Ако не сакате да се откажете од овој омилен додаток за секое јадење, направете барем некоја поздрава верзија

Денешната исхрана е претежно богата со заситени масти, кои во најголем дел доаѓаат од храната од животинско потекло. Прекумерното внесување на заситени масти е поврзано со болести на циркулаторниот систем.

За да уживате во омилената храна, не е неопходно да се откажете од одредени намирници. За секое омилено јадење или сос во неговата класична форма, постојат барем неколку верзии на рецепти богати со хранливи материи. Со цел да се намалат заситените масти во исхраната и да се зголеми внесот на незаситени масти, кои благотворно делуваат на здравјето на срцето и циркулаторниот систем, најдовме неколку рецепти за вегански мајонез и еден за вегетаријански.

Мајонез од авокадо – вегански мајонез
Авокадото е добра состојка за правење мајонез бидејќи е богато со масти, особено со незаситени масти кои се пожелни во нашата исхрана. Авокадото е извор на влакна, витамини Б, Е и лутеин. Придонесува за намалување на ЛДЛ холестеролот, па зошто да не направите здрав домашен мајонез од оваа намирница.

Бидејќи и овој мајонез е богат со масти, иако незаситени, треба да внимавате со количината поради неговата висока калорична вредност.

Состојки:
2 авокада
1 лажичка жолт сенф
малку сол
мелен пипер
кромид
1 шолјичка маслиново масло.

Приготвување:
Измешајте ги сите состојки до саканата текстура.
Ставете го мајонезот од авокадо во тегла и употребете го во рок од две недели. Овој вегански мајонез треба да се чува во фрижидер.

Вегански мајонез со аквафаба


Ако името на овој мајонез ви звучи егзотично, тогаш време е да се запознаете со аквафаба – течноста што доаѓа од готвењето мешунки, обично наут. Аквафабата е често користена состојка во веганската кујна бидејќи ја има истата улога како белката од јајцето.

Затоа аквафаба е состојка од која може да се направи здрав мајонез без јајца.Испробајте го овој рецепт.

Состојки:
3 супени лажици аквафаба (конзервиран наут или грав)
1 лажичка оцет
малку сок од лимон
прстофат стевиа во прав или 1 лажичка еритритол/шеќер од кокосов цвет
прстофат мелен црн пипер
половина лажичка сенф.

Приготвување:
Исцедете ја течноста од конзервата со одбрани мешунки и ставете три лажици во блендер.
Додадете оцет, сок од лимон, стевиа или друг засладувач по желба, пипер и сенф.
Измешајте ги сите состојки.
Полека додавајте масло во блендерот и продолжете со матење додека не добиете кремаста смеса.

Вегански мајонез од индиски ореви


Кој не сака да грицка индиски ореви за време на паузата на работа? Сигурно во миксот од јаткасти плодови и сушено овошје прво ги јадете индиските ореви.

Покрај тоа што се толку вкусни, содржат и калциум, фосфор, магнезиум, цинк, витамин Ц. Извор се и на незаситени масни киселини и протеини. Сепак, индискиот орев го сметаме за извор на маснотии, па затоа и неговата енергетска вредност е висока. Токму поради тоа што индиските ореви се богати со масти, тие се одлични за подготовка на вегански мајонез.

Состојки:
2/3 шолја индиски ореви
околу половина чаша вода
1 – 2 чешниња лук
половина исцеден лимон
малку сол
малку мелен црн пипер
1 лажичка јаболков оцет.

Приготвување:
Индиските ореви натопете ги во вода и оставете ги околу 10 минути.
Исцедете ги и ставете ги во блендер.
Во блендерот додајте лук, половина исцеден лимон, сол, пипер и оцет.
Измешајте ги сите состојки околу 15 секунди. Потоа додадете вода во зависност од саканата густина и со лажица потурнете ги индиските ореви од ѕидовите на блендерот во водата.
Блендирајте околу половина минута.
Додадете мајонез од индиски ореви во вашиот омилен сендвич за појадок или направете веганска француска салата.

Вегетаријански мајонез
Ако сакате поздрав мајонез, но сепак не сакате да се откажете од јајцата во мајонезот, имаме и рецепт за поздрав мајонез од јајца.


Состојки:
2 жолчки
100 мл маслиново масло
малку сол
пипер по желба
1 супена лажица сенф
околу 2 лажици вода
околу 2 лажици оцет.

Приготвување:
Измешајте ги сите состојки, освен маслото.
Потоа варете на тивок оган, мешајќи ја смесата цело време, додека не се појават првите меурчиња, односно додека смесата не добие малку погуста конзистентност.
Оставете ја смесата малку да се излади.
Потоа вратете ја во блендерот и полека додавајте го маслото додека блендирате.
Кога смесата ќе ја достигне потребната конзистентност, подготвена е за сервирање.