Како што секое мало сиренце не е зденка, така и секој црвен пипер не е буковски пипер!

245

Меѓу сите оние примери кога слични производи се именуваат според името на оној кој е најпопуларен меѓу купувачите и кои според него ги нарекуваат сите слични на него, е и оној за буковецот како што луѓето се уште го нарекуваат секој црвен толчен пипер. Всушност, само еден е оној вистинскиот буковски пипер, а него ќе го препознаете и по бојата и по мирисот и по вкусот.


Имате палома? Аха, има, најразлични видови! А зденка има? Да, да, и тоа има од најразлични видови! А буковец? Да, да и тоа има.
Чудна е навиката кога некои нешта се именуваат со погрешни имиња, нели?

Ако знаете што сакаме да кажеме, тогаш сигурно знаете и тоа дека сите хартиени марамчиња не се „палома“, исто како што и сите пелени за деца и за возрасни не се „памперс“. Има многу вакви примери и кога станува збор за храна.
Неодамна на една дегустација на пива имаше вкусен италијански кашкавал, одозгора со домат и некој зачин сличен на „вегета“?

„Ми се допаѓа кашкавалот најмногу поради вегетата!“ Рече една од девојките кои присуствуваа на оваа дегустација.

„Вегета?! Па Италијаните немаат вегета“, изреагира домаќинот кој не сфати веднаш дека таа всушност сакаше да каже дека има зачин сличен на оној што сите го именуваме како вегета, дури и кога наместо Подравка, го прават Витаминка или Дафинка.
Меѓу сите овие примери кога слични производи се именуваат според името на еден бренд кој е производител на оној производ кој е најпопуларен меѓу купувачите и кои според него ги нарекуваат сите слични на него, е и оној за буковецот како што луѓето се уште го нарекуваат секој црвен толчен пипер.
Всушност, буковец е името на толчениот пипер од буковски пиперки, поточно, буковска пипер, еден од нашите традиционални македонски производи кои пред точно една деценија стана дел од Арката на вкусови на Слоу фуд Македонија. Станува збор за каталог на производи на кои им се заканува опасност од исчезнување.
Президиумот Буковска пипер беше регистриран како резултат на иницијативата на конвивиумот Слоу Фуд Битола.
Инаку, станува збор за производ кој потекнува од битолското село Буково, а по својот квалитет се издвојува од сите други црвени толчени пиперки. Порано бил толку застапен на пазарот што зад себе оставил генеричко име за секој производ од суви толчени пиперки.
Токму како паломата, памперсот и зденките од почетокот на текстот.
Потрошувачите уште не се доволно информирани па и не умеат да го разликуваат од останатите слични производи.
А вистинскиот буковски пипер и денес отскокнува со својот квалитет, што веројатно се должи на начинот на неговото производство, бидејќи малкуте производители кои сé уште го прават, во голема мера се држат до традицијата.

Президиумот буковска пипер има за цел да го промовира производот, преку продажба на локалниот пазар и презентирање на јавни настани, но и да ги обедини производителите во нивната работа.
Токму оваа буковска пипер, во рецепт кој најдобро го одразува нејзиниот убав и карактеристичен вкус, а кој е воедно и омилен во Буково- помешана со печена сол и суво нане, ја имаше и на годинешниот саем на Слоу фуд (на 9-ти ноември) во Лимак.

Најубавата Буковска пипер има црвена боја, мирисот е пријатно ароматичен и лесно се шири, па едноставно не можете да ја одминете тезгата преполна со црвени суви пиперки и да не лапнете некое залаче леб со буковската пипер како неизбежен дел од македонската кујна.

На многумина им е сигурно познато и едно од најстарите јадења со толчена Буковска пипер кое и ден денес со задоволство се јаде – парче леб намачкано со маст и врз него поросена толчена Буковска пипер.

Ние ја испробавме повторно онаа на Наташа Каровска која иако не е родена, туку е мажена во Буково, секогаш со гордост ја претставува буковската пипер. Впрочем, таа и нејзината ќерка Елена Каровска Гошевска се едни од најстарите членки на големото семејство на Слоу фуд, со единствена цел, зачувување на она што е наследено од претците.
Инаку, производството на буковска пипер се врши на традиционален начин непроменет од ниту една генерација буковчани.

Според проверениот рецепт, пиперките од ова буковско семе се мијат, се сушат, а потоа се врши требење, грушење и толчење.

Сушењето најчесто се врши во селските фурни за леб и тоа посебно откако се печел леб затоа што како што велат буковчани, тогаш во фурната е зачувана убавата миризба на печениот леб.

Со завршување на фазата сушење, следи процес на требење или отстранување на пиперките кои ја промениле бојата, а потоа се врши грушење или отстранување на дршките од сувите пиперки. Последната фаза е толчењето како најважна фаза во која есенцијалните масла кои на толчениот пипер му даваат антимикробно и антифугално дејство, ја подобруваат трајноста на пиперот и имаат корисно влијание врз организмот. Толчењето на сувите пиперки се врши со толчник во дрвен аван.