Кога виното ти е страст, не пиеш сам! Тој е заразен вински ентузијаст, дегустира, едуцира и здружува вино, храна и луѓе во своето интимно винско катче

1.807

Некои велат, плукнат Даме Груев, други пак, Христо Ботев. Споредбата е главно поради брадите, иако тие не се единствената сличност. Сите се револуционери…Првите двајца, во борбата за ослободување од османлиското ропство, а нашиов, Дејан Донев прави револуција во винската култура…Тивко, полека, со многу дегустации и круг на вински пријатели кои концентрично се шири, а центарот е – неговата Винска соба

Не е скопјанец, ама поради него Скопје е побогато за еден од најзначајните настани кој се чека со нетрпение секоја година. Станува збор за Скопскиот вински салон – Винодонија. И не е само тоа. Дејан Донев е основач и на таканаречената Винска соба, сместена во зградата над Пјаца Либерта, карши гимназијата Јосип Броз Тито.
Во мај годинава овој вински клуб во нашиот град ќе полни точно две години. Наместо како дотогаш, кога пријателите на Дејан, инаку, како и тој, големи љубители на вино, се собирале во неговиот стан во Тафталиџе за да уживаат во вината што Дејан или некој од нив ќе ги донел од некое патување во странство, сега местото на тие нивни интимни вински дегустации е оваа Винска соба. Иако сега, веќе не станува збор само за најблиските пријатели на Дејан, туку гости во Винската соба се сѐ повеќе луѓе кои многу често кога еднаш ќе дојдат за да видат како изгледа една винска дегустација, се навлекуваат на овие дружби па стануваат и редовни посетители.


Многу често, всушност, најчесто, освен двајца-тројца постојани гости, на големата дрвена маса во винската соба се наоѓаат луѓе кои се меѓусебе тотални странци. Отпрвин, односно, при послужувањето на првото вино (секоја дегустација се состои од испробување на 6-7, па дури и 8 различни вина), околу масата е прилично тивко, па покрај тивката музика, тивки се и луѓето кои дегустираат и им поставуваат прашања на производителот на виното кое се дегустира, сопственикот на винаријата, самиот Дејан или некој друг познавач на оние вина кои се ѕвезди на вечерта. Но веќе после второто, третото, четвртото, и така натаму, испробано вино, атмосферата се стоплува, гласовите стануваат погласни, а луѓето кои седнуваат околу масата како странци, стануваат пријатели кои разменуваат мислења за тукушто испробаните вина, си ги подаваат чиниите со деликатеси кои добро одат со вино, како кашкавал, пршут, суви домати, крекери, интересни намази и задолжително, многу, многу вода и по секоја голтка, прават живели, чиарс, чин-чин или на здравје, во зависност од тоа од каде се гостите.


И секако, на одење, сите го прашуваат Дејан, кога ќе биде следната дегустација и кои вина ќе се дегустираат.
Ние, од Арт кујна, го запознавме Дејан кога не покани на првиот скопски вински салон кој се одржа во 2016-та во тогаш новоотворениот хотел Мериот, каде што изложуваа околу 30 винарии, за подоцна, низ годините, бројот на винарии да се искачи на 80 винарии со импресивни 600 етикети на вино.
Тој во овој период веќе беше длабоко навлезен во винскиот свет во кој сега плива сигурно, како риба во вода.
„Додека бев дома, во Македонска Каменица, ниту кај нас дома, ниту пак во тоа време генерално секаде, немаше винска култура. Се знаеше, од бело се пиеше Смедеревка, а од црвено Витач или Кавадарка. По доаѓањето на студии во Скопје, првично почнав да се запознавам со виното преку фестивалот Виноскоп. Тука, иако немаше таков избор на вина како сега, сепак имаеше можност да се испробаат повеќе вина на едно место. Имаше 15-20 штандови, а виното се продаваше по промотовни цени, па можеше да се пробаат повеќе“, се потсетува Дејан.
Откако му влегла „чивијата“ за виното, приказната продолжила во тренинг центарот на Камник.
„Тренинг центарот за обуки за вински советници во просториите на Камник го формираа Златко Евелински и Слободен Чокревски. Јас бев втората генерација. Иако обуката се состоеше од околу 150 часа,од кои, 120 теоретски и 30 практични. Ако сметаме дека после предавањата најчесто се одеше во некој вински бар кадешто и практично спарувавме вино со храна, во неформални дружби, тогаш ќе излезат и 300 часа. Значи, во тие 3 месеци со набиена агенда, обуката која беше поделена во три модули, од тероар, одгледување лозје, берба, производство на вино, спарување на храна и вино и со врвни професори, сите едвај чекавме да одиме на часови, па дури и посакувавме да ги имаме секој ден“, се смее Дејан.
На крајот од обуката се стекнал со сертификат за вински советник.


Кога и на овој веќе попрофесионален начин навлегол во винскиот свет, со Александар Вучковски, неговиот вински колега со кој заедно ја отпочнаа и Винодонија, кој уште тогаш работел како претставник на винаријата Фантинел, винаријата, Дејан почнал да посетува многу вински салони.
„Прво отидовме во Белград, па Подгорица, Бања Лука, Прага, Будимпешта, Софија, Загреб, педесетина вински настани посетени во последниве години, а винскиот салон во Подгорица е до денес единствен салон од кој не сум пропуштил ниедно издание. Па токму овие посети на винските салони беа и поттик да се роди идејата за Винодонија. Всушност, веќе втората година кога бевме во Црна Гора, на враќање, му реков дека и нам во Македонија ни недостасува ваков настан, па така се роди и Винодонија која стана традиција која ја негува винската страст, промовира добри вина, едуцира и со години ја потврдува и својата цел – подигнување на винската свест и развој на нашата винска култура“, раскажува нашиот соговорник.
Тој е таков вљубеник во виното што едноставно, не престанува да зборува на оваа тема со толкава страст и знаење за вината што ги презентира и на приватни средби и на оние поофицијалните во Винска соба, што неговиот ентузијазам не може да не ве понесе.


Меѓудругото, Дејан е член и на групата наречена Вински мускетари, наменета за сите винољупци и вински ентузијасти, авантуристи, едукатори, сомелиери… чија главна мисија е ширење и развој на винската култура во Македонија.
И да не биде дека Дејан залудно студирал и завршил на еден од најтешките факултети (Електро-техничкиот), иако не работи по струка, вработен е во фирма за веб-дизајн. Меѓудругото, се занимава токму со изработка на медиумски сајтови, но и со изработка на дизајнот на неколку магазини.
За среќа, има клизно работно време и успешно, веќе 14 години работи во фирмата М медиа, па има доволно време за својата најголема страст, виното.
„Воден од идејата, оние кои немаат можности често да дегустираат различни вина, а да не ја чекаат еднаш годишно Винодонија, ја направив оваа винска соба која има богата винотека и во која се прават мини работилници и обуки, а се дегустираат и наши и странски вина. И ова винско катче функционира речиси две години, секако, со закажување. Следниот проект кој ми е во план е да ја опремам кујната и на презентациите да имаме визитинг готвач кој ќе готви за тие 10-12 луѓе колку што има обично на дегустациите, а јас да ги спарувам вината. Ете дури тогаш ќе бидеме вистински Ено-гастрономски клуб“, вели Дејан.


А дека не ги заборавил ниту најблиските роднини и пријателите од неговиот роден град, зборува и тоа што освен сестра му која со екипа од Каменица присуствувала на дружба во Винска соба, таму организирале и генерациска средба на која дошле десетина луѓе од гимназијата кадешто учел.
Родителите, а особено мајка му, често знаат да му речат: „Секој ден пиете вино, барем дали ви се исплати тоа?“ Или пак: „На салон ќе одите само пари да трошите“, се смее Дејан.
А тој, иако често се дружи со виното, а на винските салони знае да испроба и по 70-90 вина, има одличен тренинг.
„Главата не би требало да боли ако се пијат технички исправни вина и доста вода. На салоните знам да пробам и 70-90 вина. Кога ми е интересно виното што го пробувам, знам да земам и втора голтка, но другото го истурам. На почеток ми беше жал да истурам, но со тек на време се научив“, објаснува Дејан.
Што се однесува до вкусот вели дека на почеток повеќе ги сакал црвените вина, но како што навлегувал предизвик му станаа белите кои, вели, се потешки за правење. Од белите омилени му се Совињон Бланк, а од црвените, Каберне Фран и Сира (двете се француски, едното од долината на Рона, другото од Бордо) и секако, си го почитува и Вранецот кој го прават многу македонски винарии.
Инаку, Дејан има замешано прсти и во организацијата на настанот „Вино на штикли“, а направил и 20-тина настани со концепт на „bring your own bottle“.