Кој јаде цвеќиња, покрај чварки и сланина? Во соседна Србија луѓето се шокирани од цената на јадливите цвеќиња

Фото: Pexels
175

Кутија со 20 цветчиња во една белградска продавница во соседна Србија, чини повеќе од килограм пилешко месо. По бројните реакции на луѓето, српските медиуми провериле зошто се скапи јадливите цвеќиња


Веста за продажба на цвеќиња за јадење по цена на килограм пилешко месо кај еднипобудило револт, кај други рамнодушност, а медиумот се обидел да дознае зошто е толку „скапо“.

Имено, во еден белградски маркет 5 грама од украсни јадливи цвеќиња (околу 20 цветови) се продавале за 600 динари (околу 300 денари) или дури 1.000 евра за килограм.

Фактот што во расадник може да се купи кутија со дури 50 цвеќиња за 500 динари (околу 250 денари), покажува дека не станува збор толку за тоа дека одгледувањето на овие цвеќиња е толку скапо, туку дека повеќе станува збор за голема маржа и желба за „лесен“ профит на најголемите синџири продавници во соседството.

„Цената на нашето цвеќе е 500 динари за пакување од 50 цвеќиња, а со тоа ги покриваме зголемените трошоци за греење, производство, работна сила, испорака и други трошоци. Не извезуваме во странство, со оглед на тоа што понекогаш немаме доволно количество да ги покриеме барањата на домашниот пазар“, изјавиле од расадникот „Урбан фармерс“ за Телеграф Бизнис, потенцирајќи дека цвеќињата за јадење секогаш поскапуваат во зимски услови, односно, кога го има помалку по природата, кога генерално има помалку сонце и зголемена влажност на воздухот и кога на тие цвеќиња им треба загревање за да не замрзнат.

Медиумот пишува дека, според производителите, јадливите цвеќиња најдобро се одгледуваат во заштитени услови, т.е. во оранжерии, каде што има помала веројатност за напади од штетници. „Секако, на тераса секој може да одгледува цвеќиња за јадење, под услов да има нетретирани семиња и самите цвеќиња да не се третираат со пестициди, но во тие услови речиси е невозможно да се постигне поголемо и континуирано производство“, објаснуваат тие.

Купувачи на јадливи цвеќиња се главно ресторани, а се користи и за слатки и за солени јадења, коктели и кафе.

„Сѐ повеќе се работи и за луѓе кои не се занимаваат со угостителство, туку имаат желба да украсат торта или празнична трпеза“, заклучуваат од расадникот за Телеграф Бизнис.