Колач со урми и јаболка против умор и запек

Фото: Pexels
305

Урмите и јаболката благотворно делуваат на нашето варење благодарение на нивните влакна, а особено помагаат во случаи на запек. Дополнително, урмите содржат и природни шеќери, па потребата од додаден шеќер се намалува доколку од нив направите колач.

Доколку одлучивте да им дадете приоритет на природните состојки, сувото и свежото овошје оваа празнична сезона, тогаш пробајте ги рецептите кои ви ги претставуваме подолу.

Исто така, нутритивно побогатите верзии на колачи нема да предизвикаат толкава желба за слатки, дигестивни проблеми и пад на енергијата.

Колач со урми и јаболка

За овој едноставен колач ќе ви требаат само неколку состојки, а голема е веројатноста веќе да ги имате дома.

Покрај јаболката и урмите, додаваме цимет и ореви, што не враќа во традиционалната зимска рапсодија на вкусови за која вообичаено се грижеле нашите мајки и баби.

Состојки:
200 гр урми
2 рендани јаболка
100 гр интегрално брашно
2 јајца
100 мл масло
1 лажичка прашок за пециво
половина лажичка цејлонски цимет
половина шолја сечкани ореви
прстофат сол.

Подготовка:
Урмите потопете ги во млака вода 10 минути за да омекнат, а потоа исцедете ги, извадете ги семките и измелете ги во блендер до текстура што може да се мачка.
Потоа во сад измешајте ги изблендираните урми, две јајца, ренданите јаболка и маслото во изедначена смеса.
На претходните состојки додадете ги сувите состојки – брашното, циметот, солта и прашокот за пециво и соединете ја смесата.
Во смесата измешајте сечкани ореви, а потоа истурете ја во сад за печење обложен со хартија за печење.
Печете го колачот во рерна на 180 °C до 40 минути и проверете со чепкалка дали е печен.
Пред сервирање оставете го колачот малку да се излади.

Зимски куглоф од урми и јаболка
Најубавото нешто на празничната трпеза е да видите куглоф украсен со шеќер во прав.

Овој куглоф е посебен и поради многуте зимски зачини од кои ќе мириса целата куќа.

Состојки:
200 гр урми
2 рендани јаболка
100 гр шеќер од кокосов цвет
100 мл стопено кокосово масло
200 гр спелтино брашно
3 јајца
1 лажичка прашок за пециво
половина лажичка сода бикарбона
1 лажичка цејлонски цимет
половина лажичка ѓумбир во прав
1/4 лажичка морско оревче
1/4 лажичка мелено каранфилче
100 мл цеден сок од портокал
половина шолја сечкани бадеми
50 гр суви брусници.

Подготовка:

Урмите потопете ги во млака вода 10 минути, а потоа исцедете ги, извадете ги семките и исечкајте ги во блендер.
Во еден сад мешајте ги јајцата и шеќерот додека не се запенат, а потоа додадете го кокосовото масло, ренданите јаболка, урмите и сокот од портокал и мешајте додека не се изедначи.
Во друг сад измешајте ги сувите состојки – зачините, брашното, прашокот за пециво и содата бикарбона.
Постепено додавајте ги сувите состојки.
Во смесата измешајте ги сечканите бадеми и сувите брусници.
Подмачкајте го калапот за куглоф и истурете ја смесата во него.
Печете го куглофот во загреана рерна на 180 °C до 50 минути и со чепкалка проверете дали е готов.
Пред послужување оставете го куглофот да се излади и украсете го со шеќер во прав.