Колач за душа…

1.082

Кога доцна ќе се сетите дека е некој важен ден, секогаш можете да направите нешто брзо. Дури и ако немате доволно јајца…

Ах колку се добри овие брзи колачи со различно овошје. Секогаш и во секое време, за само 40 минути од кои, 35 се трошат на печење, а само 5 минути се доволни за да измешате се што ви треба. Дури и ако немате доволно јајца, можете да направите како нашата комбинација: две јајца и две кобајаги јајца, односно, 2 лажици мелено ленено семе со 6 лажици вода, отстоени околу 5-6 минути. Излезе дури и многу повкусно од кое било колаче досега.

И згора на се, не мора да вклучувате миксер, доволна ви е рачна маталка.

Состојки:

2 јајца + 2 лажици мелено ленено семе со 6 лажици вода, отстоени околу 5-6 минути.

1 шолја јогурт

5 лажици шеќер

2 кесички ванилин шеќер

пола шолја масло

2 шолји брашно

1/2 прашок за пециво

околу 400 г овошје (ние ставивме замрзнати вишни и аронија)

црно чоколадо по желба

Приготвување:

Изматете ги јајцата со шеќерот и ванилиниот шеќер, па додадете го лененото семе претходно измешано со вода, па јогуртот и маслото и потоа полека се додаваат брашното и прашокот за пециво.

Се подмачкува тавчето за печење и се поросува со брашно.

Смесата се истура во тавчето, со тоа што се остава и малку за одозгора, откако ќе се расфрла овошјето во тавчето. Се истура целата смеса до крај и се става во загреана рерна на 180 степени да се пече 35 минути. По желба, ставете неколку коцки црно чоколадо одозгора, во поеследните пет минути од печењето. Тоа ќе се растопи, а вие потоа само размачкајте го врз целиот колач.

Оставете да се излади и послужете, ако имате кого, ако не, јадете си го за своја душа.

И дури и ако имате доволно јајца, испробајте ја оваа варијанта.