Колачи за ноќта на вештерките!

81

Празникот Халовен се слави на 31 октомври во многу земји во светот.
Покрај тоа што се слави главно во западните христијански земји, во последниве години стана многу популарен и кај нас, особено во поголемите градови, каде се организираат костимирани забави, се резбаат тикви и се прават колачи за децата кои одат од куќа до куќа облечени во костими соодветни за ноќта на вештерките

Халовен или Ноќта на вештерките е празник кој се празнува ноќта пред празникот на сите светци според западната христијанска традиција. Го означува почетокот на тридневното одбележување на Allhallowtide, време во литургиската година посветено на сеќавањето на мртвите, вклучувајќи ги светците, мачениците и сите верници.

Инаку, празникот потекнува од пагански ритуал и древен келтски фестивал наречен Самхаин. Фестивалот се одржувал ноќта меѓу 31 октомври и 1 ноември, кога Келтите ја прославувале Новата година.

Тој период го означувал и крајот на летото, а Келтите верувале дека тогаш настапува темниот и студен период кој носи смрт. Тие исто така мислеле дека духовите на мртвите се враќаат на земјата предизвикувајќи проблеми и уништувајќи ги посевите.

Келтските пагански свештеници правеле огромни клади каде што луѓето се собирале за да ги палат посевите и животните како жртви за келтските божества. За време на прославата тие носеле костими, претежно од животински глави и кожи.

Со текот на годините традицијата се менувала и денес овој празник е целосно комерцијализиран. За празникот се прават и колачи кои им се даваат на децата кои најмногу во САД, но сè повеќе и во други делови на светот, се маскираат и одат од куќа до куќа во своето соседство.

Голема популарност на овој празник му донесоа и бројните хорор филмови снимени низ годините и на тој начин придонесоа за ширење на митовите за Ноќта на вештерките.

Еве рецепт за колачите за Халовен од една наша читателка која во стилот на празникот го украсила и својот дом.

Состојки:

500 г брашно

200 г шеќер

250 г путер на собна температура

2 јајца

пола прашок за пециво

Приготвување:

Од состојките се замесува тесто кое треба убаво да се измеси за да стане компактно.

Се расукува и се вадат фигури со модли.

Се печат на 200 степени околу 15-20 минути.

Се украсуваат по желба.