Колку чини маса под сенка? На рестораните во оваа земја им е дозволено да наплаќаат за сенката во ресторанот

Фото: Freepik
206

Во шпанска Андалузија на рестораните ќе им биде дозволено да наплатуваат и дополнителен надомест за секое јадење кое се служи во одредени области на објектот, доколку тоа е јасно наведено во ценовникот

Властите во шпанска Андалузија пресудиле дека рестораните имаат законско право да наплаќаат дополнително за маси на сонце или сенка, под услов гостите да бидат соодветно информирани за повисоките цени пред да нарачаат. Известувањата за повисоки цени може да се даваат преку менито, ценовникот или да се соопштат на некој друг начин, додека вербалната порака до посетителот нема да биде доволна, пишува The Olive Press.

Воедно, се појаснува дека нема да има посебна такса за маса со одреден поглед или локација на менито, туку на рестораните ќе им биде дозволено да наплатуваат дополнителен надомест за секое јадење кое се служи во одредени области на објектот, доколку тоа е јасно наведено во ценовникот. Портпаролот на здружението на потрошувачи Рубен Санчез изјави дека рестораните не можат да наплаќаат „10 евра повеќе“ за маса на тераса.

„Сепак, на рестораните и баровите им е дозволено да наплаќаат повеќе за секое јадење што се служи на терасата сѐ додека тоа е јасно наведено во ценовникот“, рекол Санчез, додавајќи дека рестораните не можат да наплаќаат такса за резервација на маса, а ако наплаќаат, овој износ мора да се отстрани од конечната сметка. Исто така, според Санчез, од гостите не треба да се бара да купуваат флаширана вода бидејќи водата од чешма мора да биде достапна. За бакшишот, Санчез изјавил дека одлуката дали да остави бакшиш е на гостинот, што значи дека задолжителната дополнителна „наплата за услуга“ е незаконска.

Претходно властите во градот Севиља, главниот град на Андалузија, објавија планови за ограничување на влезот на туристи на централниот градски плоштад Плаза де Еспана. Жителите на градот и покраината, како и досега, ќе можат да влезат таму без ограничувања, но туристите ќе можат да одат на главниот градски плоштад само со плаќање.