Дали некогаш сте апстинирале од храна и пијалаци барем еден ден? Замислете, се будите наутро и не пиете ниту кафе, ниту чај или смути или што и да ви е веќе дел од утринската рутина. Одите на работа, се враќате, нема салата, нема ручек, нема ни солено ни благо, ни готвење ни јадење, ни миење садови, ни трчање по продавници… ама дали имате сила за нешто друго? Дали би пробале? Aјде да видиме колку животот ни се врти околу храната
Што се случува кога еден човек, од различни причини, ќе престане да јаде? Ако се прашувате зошто некој намерно би го направил тоа, сетете се дека некои го прават ова од верски причини, како што е тоа токму деновиве (Тримери), на почетокот од Велигденскиот пост кога не се консумира никаква храна, ниту течност. Некои престануваат од очај, испробувајќи сѐ што ќе слушнат за време на борбата со некоја малигна болест, а некои пак затоа што се бретаријанци, односно, практичари на филозофијата според која луѓето можат да живеат само од светлина или прана и дека таквата „диета“ е достапна за секого штом ќе помине низ почетниот процес.
Верници кои редовно ги постат сите пости, па и Тримери, на прашањето како издржуваат 3 дена без храна и пијалаци, а сепак си ги извршуваат секојдневните работни обврски, велат дека физички и немаат голем проблем, но дека е исклучително тешко ослободувањето од секојдневните навики, на пример, пиењето чаша вода и шолја кафе наутро, ручекот со семејството, средбата со пријателите или со колегите заради некој работен договор, без кафе на маса и уште куп други ситуации кои се секогаш поврзани со консумирање храна и пијалаци.
Па си велам, можеби навистина на сите ни треба барем еднаш да се обидеме, ако ништо друго, за да видиме колку животот ни се врти околу храната.
Замислете, се будите наутро и не можете да се напиете ниту вода, ниту кафе, ниту чај или смути или што и да ви е веќе дел од вашата утринска рутина. Одите на работа, се враќате и нема салата, нема ручек, нема ни солено ни благо, ни готвење ни ништо.
Навистина, можете ли да замислите што би правеле ако не мора да се храните и да се поите?!
Што ќе јадеме денес?
Ништо, нема ништо да јадеме денес. Или, што ќе готвиш денес, дај ми и мене некоја идеја? Ништо нема да готвам, ќе пишувам песни, ќе цртам, ќе плетам, ќе перам, ама нема да готвам, ниту пак да јадам.
А филм, може ли да се гледа некој филм? Може, секако, ама нема пуканки, кикиритки, чипсови или некои други здрави или нездрави грицки.
И колку повеќе размислувам за ова, толку попривлечна ми е идејата. Па навистина, што е ова, само на јадење да се мислело. Понекогаш, мајка ми, кога беше уморна од готвење и миење садови, додека ние бевме уште мали или само разгалени, сеедно, знаеше да каже: Ах, како не измислија некое апче наместо готвењево! Ќе ви поделев на сите по едно такво хранливо апче, па дури ако треба и по три пати дневно наместо сите три редовни оброци во денот и чиста работа. Ниту ќе губев време за готвење, ниту ќе трчав по пазари, ниту ќе миев садови, ништо, ќе си ги гледав цвеќињата, ќе си плетев, ќе си читав, ех, уживанција.
Иако, само после пола час лежење со нозете кренати на ѕидот, заради циркулацијата, ќе влеташе во кујна и ќе почнеше еуфорично да го листа тефтерот со собрани рецепти и да не прашува: Сакате крофнички со белки? Или не, мишики да ви направам? А пита, ви се јаде пита или сакате нешто благо, Цецини колачи? Ама добро, тоа е веќе друга приказна. Да се вратиме ние на апстинирањето од храна и пијалаци. Би можело да се проба, нели?
Ајде само да видиме прво што вели науката – што се случува со организмот кога не му ставаме „гориво“?
За почеток, науката покажала дека повременото лишување од храна може да биде корисно. Марк Матсон, актуелен шеф на лабораторијата за невронаука во „National Institute of Aging“ и професор по невронаука на Универзитетот Џон Хопкинс, одржал говор и презентација за постењето во 2014. година.
Оваа практика покажа дека како последица од постот во организмот се создаваат нови матични клетки, се поправа ДНК, се победува ракот, Паркинсоновата и Алцхајмеровата болест и многу повеќе. Исто така, интересно е да се забележи дека сите модели на калориско ограничување во студиите на животни покажале значителни научни придобивки и подобрувања, вклучително и подолг животен век.
Но еве што уште се случува во организмот:
Во првите шест часа сѐ работи нормално. Вашето тело почнува да го разградува гликогенот – резервоарот со „енергија“ – во гликоза, која клетките ја користат како гориво. Околу 25 отсто од енергијата добиена на овој начин ја користи исклучиво мозокот, додека остатокот оди во мускулите и црвените крвни зрнца.
Меѓутоа, по шест часа пост, овој процес престанува, бидејќи резервите на гликоген се исцрпени.
Во оваа фаза, телото влегува во процес на кетоза, бидејќи телото треба да ги разградува мастите за да добие енергија. Мастите се разложуваат на масни киселини кои мозокот не може директно да ги користи, па му сигнализира на телото дополнително да ги разложи на кетони.
Само 75 отсто од енергијата потребна за работа на мозокот може да дојде од кетоните, што значи дека без гликоза имате послаби когнитивни функции.
Важно е да знаете дека не мора да гладувате за да влезете во состојба на кетоза. Многу луѓе поминуваат низ оваа фаза ако се на диета со малку јаглехидрати или се занимаваат со интензивна физичка активност која ги троши сите јаглехидрати што ги добиваат од храната.
По 72 часа пост, не само што ќе се чувствувате уморни и летаргични, туку мозокот ќе почне да ги разградува и мускулите на вашето тело. Протеините се разложуваат на аминокиселини кои можат да се претворат во гликоза.
Е сега, ако продолжите да не се храните и после тие 72 часа, кај жените кои гладуваат долго време, менструалниот циклус често престанува, бидејќи телото се труди да заштеди енергија. Се намалува густината на коските и се губи сексуалното либидо.
По една или две недели гладување, имунолошкиот систем е толку измачуван од недостаток на витамини и минерали што многумина умираат од болест. Во спротивно, телото продолжува да се троши, додека не остане ништо од гликоза, маснотии и мускули, а изгладнетиот најчесто умира од срцев удар. Ова е и најчестиот начин на кој умираат луѓето кои страдаат од анорексија.
Изгладнувањето може да доведе до смрт само по 20 дена, но, од друга страна, забележани се и случаи на преживување до 70 дена без храна. Шансите за преживување во голема мера зависат од хидратацијата, но и од масните наслаги.
Ослободувањето од храната и гладот навистина звучи нереално и според она што го знаеме за модерната биологија – невозможно. Меѓутоа, историјата на науката многупати ни покажала дека невозможното може да стане возможно за миг.
Науката ги проучувала луѓето кои тврдат дека не јадат. Оваа практика има и свој термин -.бретаријанство. Овој концепт не е нов; илјадници години различни култури ширум светот пишувале за оваа способност.
Практичарите на оваа филозофија тврдат дека живеат само од светлина или прана и дека таквата „диета“ е достапна за секого штом ќе помине низ почетниот процес.
Тие тврдат дека кога телото е оставено да биде она што е и кога ќе престанеме да го менуваме со храната што ја јадеме, доаѓаме до бретаријанството и бесмртноста, но најважно е дека стануваме суштества кои можеме да бидеме. Откако еднаш ќе му дозволиме на телото да се саморегулира, поради активирање на одредени делови од ДНК, се јавуваат следните ефекти:
Секоја клетка е исполнета со светлина, бела светлина која сега тече низ телото и го храни. Светлината ги одржува клетките, не се потребни калории. Секоја клетка произведува енергија точно онолку колку што ѝ е потребно. Нема вишоци.