Компот од јаболка, дуњи, круши, ама и компот од тиквички
Компотот кај повеќето луѓе буди спомени од детството. Иако мислевме дека сме ги пробале сите варијанти, вклучувајќи ги оние вообичаените, од јаболка, дуњи и круши, праски, кајсии, ананас и вишни, очигледно не било баш така.
На пример, сте пробале ли вие досега компот од тиквички?
Компотот отсекогаш бил одличен деликатес, чиј сладок мирис со примеси на каранфилче, цимет и кора од лимон буди спомени од нашето детство. На овој начин се конзервираат разни овошја за зимата, а компот најчесто се прави од јаболка, круши, праски, кајсии, дуњи, вишни.
Постојат различни рецепти за правење компот, а се разликуваат по количината на шеќер и должината на готвењето, што пак зависи од видот на овошјето од кое се подготвува компотот.
Компотот е многу популарен и во студената сезона, кога обично се консумира топол.
Е сега, иако сите знаеме за компот од јаболка и круши, па и за компот од суво овошје како што е оној од суви сливи, веројатно помалубројни се оние кои пробале компот од тиквички.
Барем нам ни беше првпат.
Рецептот за компотот од тиквички е од шеф Снежана Ангеловска која пак го научила од својата тетка и внимателно го запишала во својата тетратка со рецепти која ја има од својата 11-та година, значи, најмалку 40 години.
А бидејќи Снежана е најпозната по своите торти и колачи, како и по најголемата традиционална манифестација која таа ја организираше цели 15 години, сосема очекувано е дека освен како десерт сам за себе, таа најчесто го користи својот компот од тиквички токму за своите торти.
Рецептот за компотот е најдолу во текстот.



Инаку, освен компот од тиквички, ако се договорите со неа да пиете кафе, еве што ќе ве дочека таму. Да, може дури и да ви се извини затоа што не стасала да направи пита со сливи.
Овие другиве работи се нешто што го има онака, речиси во секое време.



Рецептот за компот од тиквички се однесува на поголема количина, но вие можете слободно да ја намалите доколку сакате да направите само за проба.
Состојки:
5 кг тиквици
4 л вода
1,200 г шеќер
2 кесички ванилин шеќер
2 кесиќки лимонтус
Ако сакате и ако најдете, 4 кесички од оние сокчиња во прав, од ананас (степ). Ако ставате од нив, намалете од количината на шеќер.
Приготвување:
Излупете ги тиквичките и исчистете ги од средината, а потоа исечете ги на тркалца и обарете ги кратко во вода (5 минути). Извадете ги од водата и наредете ги врз крпа за да се исцедат, а потоа наредете ги во тегли.
Водата и шеќерот ставете ги во едно тенџере на рингла, почекајте да зоврие и да се стопи шеќерот, а откако ќе се подизлади, додадете ја содржината од степ кесичките (ако ги додавате) и наполнете ги теглите.
Затворете ги со капаци и стерилизирајте.