Крамбл со јагоди – најдобар пријател на сладоледот од ванила

Фото: Unsplash
184

Сезонското издание на крамбл со јагоди ќе го подготвите, испечете и послужите за помалку од 40 минути

Како што растат температурите, така и ние се фокусираме на јадења за кои не е потребно вклучување на рерната. Сепак, има некои работи кои иако има потреба од рерна, се прават толку лесно и брзо, што нема да зажалите затоа што сте морале да ја загреете.

Во крамбл најдобро се ужива додека е топло, а најдобар партнер му е сладоледот од ванила. Ако го немате при рака, ќе заврши работа и малку изматената слатка павлака.

Крамбл можете да испечете во длабок калап за пита со дијаметар од 30 цм или во квадратна керамичка чинија.

Состојки за филот:

1 кг свежи јагоди
50 гр шеќер
1 лимон
½ лажичка екстракт од ванила


Состојки за крамбл:

150 гр обично брашно
100 гр ладен путер
½ лажичка сол
70 гр светло-кафеав шеќер
100 гр овесни снегулки
40 гр ливчиња од бадем

Приготвување:

Измешајте ги јагодите со шеќер, екстракт од ванила и сок и кора од лимон. Префрлете ги во сад за печење премачкан со малку путер.
Направете со рацете ронлива смеса спојувајќи ги брашното и ладниот путер, а потоа додадете ги останатите состојки. По кратко мешање, добиеното тесто распоредете го врз јагодите.
Се пече во рерна загреана на 200 степени. Крмблот треба да биде готов за околу половина час.
Послужете топло, во класична комбинација со сладолед од ванила.