Лепче како кифла

900

Ако имате јогурт со поминат рок, не го фрлајте. Направете леб. Секако, не претерувајте со рокот, станува збор за поминат рок од 2-3 дена

Сѐ почна од јогуртот во фрижидер на кој видов дека пред 2 дена му поминал рокот. Не мирисаше лошо, а и не е првпат да го искористам за нешто, па така беше и овојпат.

Станува збор за 400 мл јогурт на кој му додадов и малку топла вода, колку да се смлачи.

Бидејќи не најдов рецепт со ваква количина јогурт, а немав леб, решив да пробам да направам лепче онака, од глава.

Затоа и немам многу прецизни грамажи за употребените состојки, но не е тешко да се импровизира, за да се добие вкусно лепче кое потсетува на кифла.

Всушност, добивме три векнички леб.

Освен јогуртот кој заедно со топлата вода беше околу 500 мл., ви требаат 4-5 лажици маслиново масло, 50 грама крупно мелено ленено семе, лажичка шеќер, лажичка сол и 1 сув квасец. Секако, ви треба и брашно кое ќе го додавате по потреба, но оди отприлика околу 700-800 грама.

Замесете малку лепливо тесто кое ќе го ставите во намрсен стаклен сад и ќе го оставите 1 час да нарасне. Потоа, ставете брашно врз работната маса и истурете го тестото, премесете кратко и поделете го на три дела кои ќе го обликувате како топчиња и ќе ги расукате секое посебно.

Расукајте ги во облик на правоаголник и засечете со ножот до некаде од долната страна, а потоа ролувајте го тестото такашто засеците ќе дојдат одозгора. Направете го ова со трите топчиња, премачкајте ги векните со матено јајце, поросете со сусам и оставете ги да отстојат околу половина час, а потоа печете ги во загреана рерна на 200 степени околу 25 минути.

Кога се готови, покријте ги со крпа и оставете да се подизладат пред да ги исечете.

Толку.