Љубов на прво вкусување: Малата Иларија проба мармалад од шипки

519

Се сеќавате на оние сликовници за Марика? Марика патува со авион, Марика прави ова, Марика прави она…Епа во оваа приказна Марика е Иларија која викендов, на саемот за домашни производи за првпат проба мармалад од шипки. И толку! Беше тоа љубов на прво вкусување

Мирјана и Бранко Ангелески се брачна двојка неуморни пензионери кои немаат ниту минута време за денгубење. Неоти мораат, ама велат, не им се седи без работа. Но, не е само тоа. Тие го произведуваат најубавиот мармалад од шипки и други производи, како слатко од капини,

паста од глог, ем благо ем луто, сокови од шипки и капини, сите природни, од убави и чисти производи набрани од Бабуна и „спакувани“ во производи поради кои луѓето постојано ги бараат, па сега и да сакаат – нема назад.

Најпрвин мармаладот од шипки почнале да го прават за себе и за своите деца и внуци, а потоа ги

зафатил бранот, па од една манифестација за домашни производи до друга, набргу станале и

членови на Слоу фуд и почнале малку посериозно со производството, па сега се редовни на сите манифестации посветени на негувањето на традиционалните рецепти и подготовка на храна.

Така беше и на настанот овој викенд во Дајмонд Мол, наречен „Хармонија на македонски вкусови“.

И сосема случајно, додека ние од „Арт кујна“ бевме таму да разгледаме што имаат ново нашите стари пријатели од Слоу фуд, бевме сведоци на една убава средба и љубов на прв поглед, помеѓу

малечката Иларија и госпоѓа Мирјана, поточно, помеѓу Иларија и мармаладот од шипки.

Веќе застаната на свои нозе, малата Иларија која пред еден месец наполнила 1 година, „ги шеташе“

своите родители помеѓу изложувачите, па вниманието ѝ го привлекоа токму тегличките изложени на штандот на Мирјана и Бранко. Иако нејзината мајка се двоумеше околу пробувањето на

мармаладот, со оглед на возраста на Иларија, откако ѝ објаснија дека се тоа домашни производи

без конзерванси, со плодови од чистите планински предели на Бабуна, направени по семејни

рецепти пренесувани од генерација на генерација, но и со дозвола за продажба од Агенцијата за

храна и ветеринарство, се кандиса за пробување. А кога Иларија само еднаш лизна од лажичката, веќе немаше назад.

„Не се грижи, шипките се од Бабуна, а мармаладот го правиме на стар, традиционален начин. Прво

се мијат шипките, па ги омекнуваме на пареа, а потоа одат низ 4 преси, па на варење. И да знаеш,

шипките се единственото овошје кое и со термичка преработка не го губи витаминот Ц, а тие се

полни со витамин Ц“, ѝ објасни Мирјана на младата мајка која од почеток беше малку загрижена

поради дегустацијата на Иларија, но потоа, не ѝ преостана друго освен да му каже на сопругот:

„ајде, земај една тегла за дома“.

А вкусовите на традиционално подготвените производи, без додатоци и конзерванси, е сѐ поголем,

па како што вели и госпоѓа Мирјана, најубавиот дел и она што најмногу ја забавува на овие саеми е

оној момент кога луѓето ќе ја пробаат првата лажичка од мармаладот или од некое од нивните

слатка.

„Секогаш ги гледам во очи и најголем мерак ми е кога тие веднаш откако ќе вкусат, ќе ги рашират

ширум и ќе кажат дека е тоа вкусот кој ги потсетува на детството. Некои ги потсетува на она што го

подготвувала баба им, некогаш мајка им, но сите до еден го велат истото: Да, тоа се вкусовите на

нашето детство“, вели Мирјана.

Како и да е, се сеќавате на оние сликовници за Марика? Марика лета со авион, Марика прави ова,

Марика прави она…Епа во оваа приказна Иларија беше Марика, Марика која за првпат пробува

мармалад од шипки.