Луѓето внесуваат во себе до 5 грама пластика неделно! Дали сте сега подготвени за „пластичен пост“?

Фото: Pexels
362

„Студијата на Универзитетот Њукасл покажа дека луѓето внесуваат до пет грама пластика неделно“, вели Томас Фишер од германската организација за заштита на животната средина (DUH). Тоа е отприлика како да ја изедете кредитната картичка.

Понекогаш може да изгледа дека сè што сакате да купите е направено од пластика, завиткано во пластика или содржи некоја форма на пластика – накратко, пластика е насекаде.

Пластиката ја загадува и труе животната средина, а со тоа и луѓето, поради што многумина од нас се обидуваат да ја намалат својата зависност од неа.

Добрата вест е дека дури и малите промени во вашиот секојдневен живот можат да направат голема разлика. Како откажувањето од пластика.

„Пластичниот пост“ го има истиот концепт како целосното или делумно воздржување од храна и пијалаци, но наместо да се откажете од слатките или од алкохол, се избегнува пластика.

„Тоа е свесно избегнување на користење на пластични производи, особено оние што завршуваат во ѓубре по краток период на употреба“, вели Силвија Кабрера-Кајола, експертка за отпад и заштита на ресурси во центарот за советување на потрошувачи во Германија.

Со избегнување на непотребна пластика за еднократна употреба, можете да придонесете за зачувување на ресурсите и за заштита на вашето здравје.

Пластиката ја внесуваме во себе со храна и со вода, и тоа не само во микроколичини.

„Студијата на Универзитетот Њукасл покажа дека луѓето внесуваат до пет грама пластика неделно“, вели Томас Фишер од германската организација за заштита на животната средина (DUH). „Тоа е отприлика како да изедете кредитна картичка.

Свеста е едно, но како во пракса без пластика?

Општо правило е да се избегнува непотребно индивидуално пакување. Ова ќе ви помогне постепено да заштедите големи количини отпад со секое купување.

Како алтернатива за користење кеси за купување или тенки кеси за овошје, стекнете навика да носите платнена мрежа за растурен зеленчук, торба или корпа со себе кога купувате. Таквиот пристап ќе ви заштеди и дополнително трошење пари.

Водата во пластични шишиња за еднократна употреба може лесно да се замени со вода од чешма. Но, ако не ви се допаѓа нејзиниот вкус, најдобро е да се префрлите на стаклени шишиња за повеќекратна употреба.

Внимателно прочитајте ги декларациите за козметичките и хигиенските производи, бидејќи тие често содржат пластика.

„Во производите како паста за заби, гелови за туширање и производи за чистење, цврстата микропластика сега е забранета низ цела ЕУ“, вели Томас Фишер. „Но, ова не е случај со полуцврстата, желатинозна или течна пластика што се користи во геловите за коса“.

Микропластиката може да се најде во шампони, гелови за туширање и во пилинзи. Производителите ја користат пластиката како абразивно средство за белење на забите. Детергентите и средствата за чистење може да содржат течна или полуцврста пластика.

Добрата вест е дека постојат многу алтернативи без пластика, како што се крути шампони и гелови за туширање, како и одржливи производи за чистење. Внимавајте на етикетите што ви кажуваат дека производот е без пластика.

Дури и за кафето кое обично го земате патем, има подобро решение

Ако сакате брзо кафе на пат кон работа, подобро е да земете своја чаша за повеќекратна употреба бидејќи хартиените чаши за еднократна употреба се обложени со пластика и не можат повторно да се користат.

Се проценува дека само девет проценти од глобалната пластика се рециклира, а дури и во земјите каде отпадот се селектира во корпи за рециклирање, огромното мнозинство од пластиката завршува на депонии или во печки за согорување.

Откажувањето од пластика не значи дека веднаш фрлате сѐ што е направено од пластика. „Не смеете да заборавите дека станува збор за намалување на пластиката, а не за нејзина замена по секоја цена“, потсетува Кабрера-Кајола.

Предметите кои сè уште се во добра состојба може да продолжат да се користат додека не се истрошат или расипат. „Целта треба да биде да се произведе помалку отпад воопшто, без разлика на материјалот.