Мајонезот не е толку лош! Со години погрешно верувавме дека овој прелив е непријател број 1

Фото: Freepik
1

Иако често е на листата на „нездрава храна“, експертите велат дека мајонезот не е толку лош како што многумина мислат – ако се консумира умерено

Мајонезот е еден од најпопуларните ладни сосови во светот. Оваа едноставна комбинација од жолчки, масло, оцет и често сенф се користи во сендвичи, салати, прилози и бројни други јадења, бидејќи им дава кремаста текстура и препознатлив вкус.

Сепак, поради високата калориска вредност и содржината на масти, мајонезот со години важи за намирница што треба да се избегнува. Често се поврзува со дебелеење, проблеми со срцето и покачен холестерол.

Но, според нутриционистката Софи Медлин од „ CityDietitians“, вистината е малку поинаква.

– Мајонезот е погрешно сфатен. Сам по себе не е лоша намирница – вели Медлин. Таа објаснува дека една лажица мајонез во сендвич со туна или во салата може да биде дел од здрава и балансирана исхрана.

Стандардна порција од околу 15 грама, односно една супена лажица, содржи приближно 100 калории и околу 10 грама масти. Во споредба со сенфот, кој има само околу 15 калории, мајонезот навистина е покалоричен избор.

– Во споредба со кечап, сенф или преливи на база на оцет, мајонезот има значително повеќе калории. Но, ако го споредиме со путер, крем-сирење или кремасти преливи, често содржи помалку заситени масти – објаснува таа.

Според Медлин, мајонезот има и одредени нутритивни предности. Главната корист доаѓа од незаситените масти што потекнуваат од маслото, особено ако е направен со поквалитетни растителни масла.

– Мајонезот може да помогне во апсорпцијата на витамините растворливи во масти, како што се витамините А, Д, Е и К, кои природно се наоѓаат во зеленчукот – вели таа.

Денес на пазарот постојат безброј варијанти – од класичен и полномасен до лесен и вегански мајонез. Но дали некој од нив е навистина поздрав?

Нутриционистката смета дека нема едноставен одговор.

Полномасниот мајонез содржи повеќе калории затоа што е богат со масло, но воедно содржи и поголемо количество незаситени масти. Од друга страна, лесните верзии имаат помалку калории, но често содржат скроб, згуснувачи, засладувачи и други адитиви за да се надомести текстурата што се губи со намалувањето на мастите.

Некои лесни мајонези имаат само 15 калории по порција, додека класичните содржат и до 100. Сепак, производите со помалку масти често се повеќе индустриски обработени.

Истражувањата покажуваат дека луѓето кои консумираат големи количини ултрапреработена храна имаат поголем ризик од зголемување на телесната тежина во споредба со оние што јадат помалку обработени намирници.

Еден од најголемите митови поврзани со мајонезот се однесува на жолчките и холестеролот.

Во минатото се сметаше дека јајцата значително го зголемуваат холестеролот во крвта, но денешните истражувања покажуваат поинаква слика.

Голема студија спроведена на повеќе од 146.000 луѓе од 21 земја не открила значајна разлика во нивото на холестерол меѓу луѓето кои јаделе едно јајце неделно и оние кои јаделе седум јајца неделно.

– Холестеролот од храната не се претвора директно во холестерол во крвта. Многу поголемо влијание имаат заситените масти, какви што има во путерот и масното месо – објаснува Медлин.

Според неа, денес повеќе не постои причина јајцата да се избегнуваат поради страв од холестерол.

Експертката предупредува дека особено внимание треба да се обрне на безбедноста на храната, особено ако мајонезот е домашно подготвен.

Бидејќи содржи сiрови јајца, домашниот мајонез може да носи поголем ризик од бактериски инфекции ако не се чува правилно. Купечкиот мајонез често е побезбедна опција бидејќи поминува низ строги контроли на производство.

По отворањето треба да се чува во фрижидер и да се употреби во рокот наведен на пакувањето. Не треба долго да стои на собна температура, особено не изложен на сонце.

И покрај сите предности, мајонезот останува висококалорична намирница и може да придонесе за зголемување на телесната тежина ако се консумира во големи количини.

– Мајонезот не е негативец, но е калоричен додаток во исхраната и затоа треба да внимаваме колку го јадеме. Најздрав пристап не е целосно да го забраниме, туку свесно да го избираме и да го користиме умерено – заклучува Софи Медлин.