Македонецот од Белгија готви и ја крстосува земјата со електрично „Фиќо“: Авантурите на Марк се гледаат и во Брисел

Фото: Фејсбук
2.189

Шеф Марк де Јонг неодамна почна со своја емисија на ТВ која иако потсетува на многу слични кои ги снимаат и шефовите со светска слава, сепак е уникатна, како што вели, најмногу поради местата што ги посетува. Токму тоа смета дека ќе биде мотивација за многу луѓе да ја посетат нашата земја. Во меѓувреме и неговите деца кои живеат во Брисел се редовни гледачи на емисијата преку Јутјуб и среќни се што можат да ги споделат убавините на Македонија со своите пријатели таму

Нашиот стар пријател шеф Марк де Јонг кој го запознавме набргу откако тој, од Белгија кадешто е роден и каде што живеел сѐ до својата 45-та година од животот, пред една деценија, дојде во Македонија за да го исполни аманетот на неговата баба по мајка, асли Македонка.

Токму таа негова баба која таму, во Белгија, го запознала со македонската кујна и му го исполнила детството со нејзините мириси и вкусови, му ја всадила и љубовта кон земјата во која веќе цела деценија е неговиот нов дом. Се вљуби прво во земјата, а потоа и во неговата сопруга Василка и веќе немаше друга идеја за својата иднина освен да остане токму тука каде што чувствува дека е на вистинското место.

Долго го гледавме во кулинарското ТВ шоу „Брза кујна“ сѐ додека наеднаш не одлучи да го напушти. За овој свој потег вели: „Последните две години се чувствував како да сум на крстопат. Бев дел од кулинарското шоу седум сезони/години. Тоа беше прекрасно искуство кое ми овозможи да запознаам различни луѓе од различни делови на Македонија, но и да се запознаам со камерите и со телевизијата као медиум.

Но, се случија некои осцилации во односот на екипата кон мене. Ситуации и зборови кои премногу ме повредија, ми ја одземаа енергијата и креативноста, не се чувствував повеќе среќен, а кога не си среќен, треба нешто да смениш, нели? Без љубов и позитивна енергија нема успех. Затоа и одлучив дека ми е потребен нов предизвик, нешто ново“, искрен е Марк.

А тој нов предизвик се вика „Авантурите на Марк“. Станува збор за ТВ емисија која нас по малку не потсети на емисиите што ги правеше славниот Ентони Бордеин, по малку на оние на славниот Гордон Ремзи, но по малку и на омилениот готвач на Марк, Џејми Оливер.

„Уште кога дојдов во Македонија, сакав да ја запознаам земјата да ги видам сите нејзини убавини…Патував, сретнував различни луѓе и ги пробував убавите јадења. Голем впечаток ми оставаа чистите вкусови на зеленчукот и овошјето, зачините, вкусните македонски специјалитети и гостопримливоста на луѓето. Така се појави и мојата желба да ги покажам убавините и богатството на вкусови и традиции на еден поширок аудиториум.

Концептот на емисијата сигурно има сличности со многу емисии од овој тип, но секој концепт си е уникатен, со свои специфики како и местата кои ги посетувам.

Македонија можеби е мала земја, но е прекрасна! Има многу, многу убави локации кои треба да се истражат и да се покажат. Емисиите одат и на Јутјуб канал кој се смета како „прозорец кон Европа и кон светот“, па планираме да ги правиме емисиите и со превод на англиски и француски јазик, па се надевам дека тоа ќе биде мотивација за многу луѓе да ја посетат нашата земја.

Доколку има интерес, „Авантурите на Марк“ може да продолжат и на други простори…Оставаме времето да покаже“, објаснува шеф Марк.

Тој има уште многу идеи за своите следни емисии, особено со оглед на тоа што досега се снимени само седум. Неговата сопруга Василка, вели, е неговата  најголема поддршка и најголем критичар, а неговите деца Мајкл и Кимберли, кои живеат и работат во Брисел, Белгија, се многу среќни што можат да ја гледаат емисијата и се горди и на татко им  и на убавините на Македонија кои ги споделуваат со своите пријатели таму.

„Добивам и многу позитивни пораки од луѓето од дијаспората, а сето тоа мене и на екипата ни дава мотивација да одиме понатаму во нови авантури.

Креативноста е движечката енергија на овој концепт. Комуникација со луѓето од различни заедници, различни професии, посета на локални знаменитости и, се разбира, локалните ресторани и меани со нивните карактеристични специјалитети. Во секое место кое го посетувам, имам еден водич, човек кој живее или потекнува од тоа место. Всушност мојот водич  е дел од мојата авантура во местата кои ги посетувам. Можам да кажам дека ова за мене е едно многу позитивно искуство исполнето со многу позитивна енергија, која мислам и дека се чувствува во емисијата. Многу сум среќен и поради тоа што сме мала, компактна, но многу динамична екипа. Мислам дека јас сум најстариот во екипата, а прекрасно е чувството кога работиш со млади, креативни и успешни луѓе. Се надополнуваме во размислувањата, се прилагодуваме според условите со кои се сретнуваме на лице место. На сите нас инспирација ни се луѓето со кои се сретнуваме на различни локации, спонтаноста на разговорот и секако, локалните специјалитети. Работиме со голема љубов и ентузијам“, вели полн со жар овој горд Македонец.

Иако не живеел во Македонија во минатото, па никогаш претходно не возел „Фиќо“, се вљубил во овој автомобил кој е еден од симболите на овие простори од времето на социјализмот.

„Имав многу мерак да возам Фиќо и пред 5-6 години си купив едно Фиќо за возење, а едно за резервни делови. Но, ова Фиќо кое го возам во емисијата „Авантурите на Марк“ е специфично затоа што го има оригиналниот дизајн, но вози на електрична енергија, нешто што е многу актуелно во денешно време и одлично се вклопи во концептот на емисијата, затоа што ги спојува минатото и иднината, традицијата и новите трендови“, вели шеф Марк. 

Во меѓувреме, Марк и Василка ја изградиле својата куќа од соништата на прекрасна локација во село Сопиште, каде шти ги полнат батериите за сите предизвици кои им ги носи животот.