Мали лепчиња со хељдино брашно

987

Крцкави лепчиња со хељда, јогурт и многу, многу семки кои се лесни за правење, а здрави за јадење

Овие мали лепчиња се едноставни за правење, а вкусни за јадење. Особено ако сте љубител на семки, ќе ви се допадне нивната крцкавост. Не се погодни за оние кои не консумираат глутен, барем не по нашиот рецепт во кој оди и помал дел бело пченично брашно.

Состојки:

250 гр брашно од хељда
100 гр пченично брашно
2 лажици мелено ленено семе
2 лажици чиа семе
половина кесичка прашок за пециво
1 и пол лажичка сол
250 мл јогурт
1 јајце
3 лажици маслиново масло

За премачкување:

1 жолчка за премачкување + 2 лажици млеко
сусам, ким, семки од сончоглед, црно семе
По желба урда за фил

Приготвување:

Во поголем сад измешајте ги двата вида брашно, прашокот за пециво, лененото и чиа семето, едно јајце, јогуртот. Додадете сол и масло, па сè добро измешајте и оставете го 15 минути да отстои. Тестото се вади на набрашнета површина и се меси уште малку, по потреба се додава уште брашно.

Од тестото направете топчиња со саканата големина, па секое топче израмнете го со раце и ставете малку урда во средината, па внимателно повторно обликувајте топче.

Изматете ги жолчките во кои ќе додадете две лажици млеко, па секое топче набрзина ставете го во оваа мешавина, а потоа и во садот во кој претходно сте измешале семки по ваша желба.

Се печат во рерна загреана на 200 степени, околу 20-30 минути во зависност од големината на топчињата или додека не добијат убава златна кора.