Маракуја, гуава, кивано…Албанија стана рајска градина за одгледување егзотични овошја за европскиот пазар

Фото: Pexels
650

Маракуја, гуава, питаја или кивано – климатските промени ги охрабрија албанските земјоделци да почнат да одгледуваат егзотични овошја што имаат намера да ги пласираат или веќе ги пласираат на европскиот пазар.

Малата фарма на искусниот агроном Иракли Шкоза, сместена недалеку од морето во централниот дел на Албанија, е еден вид рајска градина под јадранското сонце, пишуваат хрватските медиуми.

Со оглед на температурите на воздухот што се зголемуваат секоја година, во 2019 година Шкоза ја добил идејата за диверзификација – проширување на активноста на поголем број производи или услуги, проширување на асортиманот и продажбата на производи, во момент кога повеќето негови врсници одамна би биле пензионирани.

Овој смел 75-годишник прво донел семе од егзотични растенија од Африка и Америка и ги засадил на својата парцела од два хектари.

Тие многу брзо се прилагодиле на топлата локална клима. Треба да се напомене дека регионот Дивјака, сместен помеѓу малку ридесто земјоделско земјиште и морето, некогаш бил житница на Албанија, а земјоделците денес таму одгледуваат зеленчук и лубеници за локалниот пазар и за извоз.

Планета што се загрева
Но, растечките температури и недостатокот на доволен број работници го зелеа својот данок и на фармите. Таа мала балканска нација со 2,7 милиони жители изгубила 400.000 работоспособни луѓе за само десет години.

Шкоза истакнува дека „егзотичното овошје бара помалку вода и помалку работа за одржување, што ги намалува трошоците за производство“.

И типичната медитеранска клима на Албанија, карактеризирана со топли и суви лета и благи зими, се променила поради глобалното затоплување.

Се предвидува дека просечните температури во Западен Балкан ќе се зголемат помеѓу 3,5 и 8,8 степени Целзиусови до крајот на векот, а податоците се базираат на студија од 2022 година – под претпоставка дека ќе продолжат умерените до високи емисии на стакленички гасови.

Топлотните бранови „веројатно ќе ги оштетат приносите од земјоделските култури, особено во Албанија, каде што просечните температури се највисоки во лето“, велат истражувачите Даниел Милер и Макс Хофман од Институтот Лајбниц за развој на земјоделството во економиите во транзиција. Во текот на 2020 година, земјоделството, шумарството и рибарството учествувале со 19 проценти во бруто домашниот производ на Албанија.

Но, климатските промени не мора да бидат целосна катастрофа, ако се прилагодиме на нив и ги користиме, Шкоза е оптимист.

Албанските земјоделци мора да почнат да произведуваат многу повеќе егзотично овошје за да профитираат од својата поволна клима, смета овој витален агроном.

„Ова овошје е многу барано на европскиот пазар, но сите знаеме дека доаѓа од далеку – од Латинска Америка, Југоисточна Азија, Нов Зеланд или Австралија, а транспортот до европските земји има своја финансиска цена, но и друга што треба да се плати, а тоа е свежината на производот“.

Доколку гореспоменатото овошје доаѓа од Албанија, не само што ќе биде поевтино, туку и посвежо, нагласува агрономот Алтин Хила.

Папаите што се нудат на европските пазари се берат на други континенти додека се уште зелени, а потоа пристигнуваат во Европа каде што вештачки зреат, додава Македонецот Васил Николовски, менаџер за производство, кој работи во Дивјака веќе неколку години. Тој вели дека сите наведени овошја „можат да созреат тука, на дрвјата. Албанија има доволен капацитет да ги задоволи барањата на европскиот пазар, а со извоз на егзотично овошје, би можела да постигне промет од 100 до 200 милиони евра годишно“.

Богата берба

Шкоза веќе извезува папаја, маракуја и плодови од пепино, овошје од Латинска Америка, на европските пазари. Со другите земјоделци од регионот Дивјака, тој неодамна испратил 30 тони кивано на хрватскиот пазар.

„Се чини дека и овогодишната берба ќе биде богата“, вели тој, гледајќи ги пупките на цветовите кивано.

Земјоделецот Лулзим Булари го следел примерот на Шкоза и почнал да одгледува киви 55 км западно, во близина на Елбасан.

„Не треба да се жалиме на високите температури, бидејќи производството на киви во последните две години беше вистински благослов за нас“, изјавил тој за АФП, додавајќи дека го одгледува овошјето речиси исклучиво за извоз во Швајцарија и Холандија.

Булари неодамна почнал да одгледува смокви од Северна Африка на околу 15 хектари, кои се многу отпорни на благите зими.

„Среќата ги следи храбрите, но мора да потрчате за да ја фатите“, заклучил тој.

Автор на текстот е Маријана Хајдиќ Госпочиќ / Хина.