Маратонско готвење за Гинис: Нигериска готвачка поставила нов рекорд од 100 часа без престан

Фото: Фејсбук
168

Готвачка од градот Лагос, во Нигерија, го соборила досегашниот рекорд за непрекинато готвење кој изнесувал 87 часа и 45 минути.

Хилда Баси, дваесетиседумгодишна нигериска готвачка од градот Лагос, ги воодушевила своите сонародници готвејќи 100 часа без престан и официјално е прогласена за носителка на Гинисов рекорд за најдолго непрекинато готвење познато како cook-athon.

Готвачката го почнала своето маратонско готварско шоу точно во 16 часот, во четвртокот, а завршила дури доцна синоќа. Илјадници Нигеријци отишле во салата Леки, кадешто се одржувал настанот за да ѝ дадат поддршка, а меѓу нив имало и мноштво познати личности.

Бабаџиде Санво-Олу, гувернер на државата Лагос, го посетил Леки, а признание на Баси ѝ дал и Атику Абубакар, поранешниот потпретседател.

И други познати личности исто така го посетиле местото на натпреварот за да ја поддржат готвачката. Сите нејзини сограѓани цело време несебично ја поддржувале додека таа приготвувала бројни јадења од националната и меѓународната кујна.

Досега тој Гинисов рекорд го држеше професионалната готвачка од Индија, Лата Тондон, која во 2019 година подготвуваше оброци непрекинато, цели 87 часа и 45 минути.