Медитеранската исхрана повторно е прогласена за најдобра во светот

226

Медитеранската исхрана е одобрена од Американското здружение за срце поради нејзините кардиоваскуларни придобивки.

Веќе седма година по ред, медитеранската исхрана ја освојува титулата за најдобра исхрана во списанието U.S. News & World Report. Таа зад себе ги оставила диетата DASH и MIND, диетата на клиниката Мајо и флекситаријанската исхрана.

Медитеранската исхрана е одобрена од Американското здружение за срце поради нејзините кардиоваскуларни придобивки. Исто така, се покажало дека го намалува ризикот од неповолни исходи од бременоста, како што се прееклампсија, гестациски дијабетес и предвремено породување, според една студија.

Медитеранската исхрана ја нагласува важноста на овошјето, зеленчукот, интегралните житарки, гравот, јаткастите плодови, мешунките, маслиновото масло и ароматичните билки и зачини. Риба и морски плодови се консумираат најмалку два пати неделно, а живина, јајца, сирење и јогурт во умерени количини, според U.S. News & World Report.
„Секој план со кој се исклучува цела група на намирници не е добар и затоа медитеранската исхрана е секогаш победник“, вели Гретел Шулер, главен уредник на U.S. News & World Report.