Мекици ли се мекици…

137

Обичаите и традициите за различни пригоди се различни насекаде, па така и оние кога се раѓа бебе. Ама, правењето мекици по овој повод е вечно.

Нашиот обичај за правење мекици кога ќе се роди бебе постои многу одамна и е еден од оние кои сакаме да се задржат за секогаш.

Иако порано тие најчесто се правеа дома, па и луѓето кои доаѓаа да честитаат за бебето, доаѓаа дома, секако, пред да си дојдат бебето и мајката од болница.

Сега, најчесто се прават големи прослави во некој локал, речиси како свадба, со соодветни декорации за прослава на новиот живот.

И како и да се прави, со оглед на тоа што е ова најубавиот можен повод за славење, е предмет на избор на новопечените родители, баби и дедовци.

Инаку, симболот на мекиците е детето да расне како што нараснуваат и мекиците кога ќе се стават во врелиот зејтин.

Слична е симболиката и на правењето крофни по истиот повод во некои други региони низ Македонија. Што и да е, се служи со благо за да има бебето сладок живот, иако искрено, речиси сите преферираат мекици со сирење.

Како и да е, сега ретко кој прави мекици дома, па тоа е уште една цела нова професија со која се занимаваат многу луѓе кои професионално изработуваат мекици за овој повод.

Само јавете им се еден ден претходно и нарачајте колку сакате.

Но, мекици се прават и во самите ресторани во кои се прави прославата на новопристигнатото човече на овој свет.

Сепак, во име на зачувување на традицијата, ние си го чуваме овој рецепт:

Рецепт за мекици

Состојки:

2 јајца

1 свеж квасец

пола кесичка прашок за пециво

250 мл млако млеко

пола чашка ракија

1 лажичка шеќер

1,5 лажичка сол

1 кг брашно

околу 1 л масло за пржење (дел од тоа се става настрана во некој мал сад за да се мачкаат рацете кога земате од тестото за да ги пржите)

Приготвување: 

Квасецот се дроби и со 1 лажичка шеќер, 1 лажичка брашно и млакото млеко се остава да стаса. Потоа од состојките се замесува меко тесто и се остава да стасува 10 минути. После 10 минути се промешува повторно со лажица и се остава уште 10 минути.

Во меѓувреме се загрева голема количина масло во некое поголемо тенџере и кога тестото ќе стаса по вторпат, со намрсени раце се зема од тестото, се развлекува со 1-2 потега и се става во врел зејтин.

Ракијата во тестото се става за да не впиваат многу од маслото при пржењето.

Кога ги вадите мекиците од масло, ставајте ги врз хартиени салфети.