Мисирката слета и на прославата на Денот на благодарноста во Американското катче во Скопје

243

Денот на благодарноста (Thanksgiving day) се одбележа и во Американското катче во Скопје, кадешто беа и дел од членовите на клубот за англиски јазик на СИЕК Македонија. Трпезата, традиционална, со сите салтанати, од главната актерка – мисирката, многу пире, сос од брусница, браон сос, до десерти. Најдолу во текстот ќе ги најдете и оригиналните рецепти за американска пита – со фил од јаболка и со фил од мисиркино кои ги споделија со „Арт кујна“ пред цели пет години во американската резиденција во Скопје.

Денот на благодарноста е национален празник во Соединетите Американски Држави кој се слави последниот четврток во ноември.

Тој се одбележа и во Американското катче во Скопје (еден ден претходно, поточно, вчера, 27 ноември), а таму беа и дел од членовите на клубот за англиски јазик на СИЕК, кадешто часовите по англиски ги држи Џеки, волонтерка на Мировниот корпус во Македонија.

Идејата за нивното присуство на забавата е да се научи повеќе за културата и историјата на САД и за традицијата на Денот на благодарноста.

Малку историја…

Американските ученици обично учат дека оваа традиција датира од доселениците кои отпловиле на новиот континент на Мејфлауер во 1620 година и помогнале да се основа колонијата Плимут во денешен Масачусетс.

Во 1621 година, колонистите од Плимут и членовите на племето Вампаноаг заедно го прославиле празникот на есенската жетва што сега е препознаено како една од првите прослави на Денот на благодарноста во колониите. Прославата траела три дена, а на неа присуствувале 90 Индијанци и 53 имигранти од Англија.

Повеќе од два века, поединечни колонии и држави го прославувале Денот на благодарноста во различни периоди, се додека во 1863 година, среде Граѓанската војна, претседателот Абрахам Линколн не прогласи национален Ден на благодарноста што оттогаш се одржува секоја година во ноември.

Толку за историјата, а она што нас не интересира најмногу е празничната трпеза.

Празнична трпеза

Со оглед на бројните американски филмови, сите знаеме дека единственото нешто без кое не може да помине оваа прослава е мисирката! Многу луѓе ја маринираат мисирката еден ден порано или, како што препорачуваат гастро списанијата последниве години, ја натопуваат во солена вода, за инаку сувото месо да биде што помеко и посочно.

Печењето на мисирката започнува рано наутро, на ниска температура, за да биде рамномерно и добро испечена до празничниот ручек/вечера.
Полнењето или „stuffing“ е задолжително, без разлика дали мисирката се полни или се пече посебно. Често токму тоа е највкусниот дел од поглавјето за мисирките. Се состои од натопен леб или ориз и, по желба, колбаси, зачински билки, суви брусници, кромид, целер, моркови, сушено овошје.

Сосот или „gravy“, кој се додава на исечените парчиња мисиркино месо, се подготвува од остатоците од маснотиите и месо во садот во кој се печело, супа подготвена од утробата од мисирката, со евентуално додавање суви печурки и зачински билки и брашно или скроб што би го згуснал.
Не можеме а да не го завршиме поглавјето со мисиркиното месо, со сос од брусница.

Со горко-кисело-сладок вкус и светло-црвена боја се подготвува од свежи брусници со додаток на шеќер и разни зачини, од цимет до каранфилче и кора од портокал.

Под посебно поглавје би ги ставиле прилозите кои се и најкреативниот дел од ручекот.

На трпезата можете да најдете се што е сезонско, обични компири и слатки компири, пире или печени, тикви, прокељ, зелен лиснат зеленчук, приготвен на сто различни начини. Покрај комбинациите со сланина, колбаси и кромид, често има необични слатко-солени комбинации како што се сладок компир со маршмелоу, прокељ со костени или калинка.
И конечно, секогаш мора да остане малку простор за традиционалните американски пити или „thanksgiving pie“, кои исто така користат сезонски состојки како јаболка, тикви, слатки компири, круши, американски ореви, поточно пекан.

Подготовката на ручек за Денот на благодарноста е голем потфат во кој учествуваат претежно сите гости, во смисла дека секој подготвува и носи нешто со себе што е секако најпрекрасниот обичај што можеби треба да се усвои и за секоја друга голема прослава!

Ние ги чуваме и рецептите за две традиционални американски пити кои пред цели пет години, за „Арт кујна“ ги приготвија во кујната на американската резиденција во Скопје.

Рецепт за американска пита

За тестото:

250 г ладен путер

350 г брашно

1/8 лажичка сол

6-8 супени лажици ладна вода

Приготвување:

Во длабок сад се ставаат брашното, солта и ладниот путер исечен на коцки. Се мешаат во трошлива смеса на која и се додава студена вода по потреба, 6 до 8 лажици, се формира тесто кое се дели на две плочки. Се завиткуваат во проѕирна фолија и се оставаат минимум 2 часа во фрижидер. Потоа, од секое парче се сука кора дебела околу 5 мм. Долната се става цела во подмачкано тавче, потоа се додава филот, а горната кора може да се исече на ленти и да се сплете или да се направат други форми.

Фил за питата со мисирка:

Во 3 лажици путер се пржи 1 ситно исечкан кромид, 2 моркови, 2 стапчиња целер, 150 г шампињони, 2 компири. Се динстаат, додека не омекнат и се тргаат на страна. Во истото тенџере се ставаат 3 лажици путер и се пропржуваат 3 лажици брашно, па се додаваат 3 шолји бујон од мисирка и се добива каша во која се додаваат 2 шолји од 250 мл со исечкано месо од мисирка, 1 лажиче оригано, сол и црн пипер и 3 лажички исечкан свеж магдонос. Се остава да врие околу 20 минути додека не се згусне а откако ќе се олади се истура врз првата кора, се поклопува со втората, се спојуваат краевите и се прават одозгора неколку дупчиња со нож.

Фил за питата со јаболка:

Во еден сад се мешаат 100 г шеќер, 100 г кафеав шеќер, 3 лажици брашно, 1 лажиче цимет, прстофат ѓумбир, прстофат морско оревче, 2 лажици стопен путер. Се додаваат исечените јаболка попрскани со сок од пола лимон и се меша сѐ заедно.

Филот се става врз долната кора, потоа врз неа се ставаат лентите од втората кора и се плетат по желба. Се премачкува со изматена белка и се попрскува со ванилин шеќер.

Двете пити се печат по 15 минути на 220 степени, а потоа температурата се намалува на 175 степени и се печат уште 30 до 40 минути.