Музеј на одвратна храна: Од најсмрдливото сирење на светот до вино од детски измет

Фото: Unsplash
188

Во музејот почесно место има и хакарла, јадење кое покојниот Ентони Бордеин го нарече „најлошата, најодвратната работа, со најстрашниот вкус“. Веројатно сега сте во дилема за какво јадење станува збор. Тоа е месо од гренландска ајкула кое долго ферментира, а на крајот од тој процес има вкус кој „поетски ги спојува“ вкусовите на амонијак и риба.

Идејата за овој музеј во Малме неговите основачи ја добиле во Загреб, откако го посетиле Музејот на прекинати врски.
Музејот на одвратна храна во Малме ја нуди, како што сугерира името, најодвратната храна од целиот свет. Таму можете да вкусите јадења и пијалаци кои ќе ги стават на тест сите ваши рецептори за вкус, како и другите сетила кои учествуваат во доживувањето на храната. Музејската поставка е навистина шокантна, но во исто време и забавна. Без разлика дали сте дошле овде само да се забавувате или да научите нешто, поставката ќе ве доведе во дилема околу тоа што е фино и префинето, а што е одвратно.

Според Артур Де Мејер, млад новинар специјализиран за необични музеи кој го посетил овој шведски музеј, концептот можеби не е како забавен парк, но остава таков впечаток. Во него, сакале или не, ќе научите нешто за себе и вашата култура, како и за другите; можеби нешто и за отсуството на култура, но и тоа е дел од животната лекција.

Луѓето кои стојат зад овој музеј наведуваат дека целта е да се открие што ја прави една храна пожелна во одреден дел од светот, додека во друг се смета за одвратна и нејадлива. Сето ова води до прашањето зошто луѓето јадат одредена храна која од перспективата на некој друг не е јадлива. Непознатата храна може да предизвика чувство на привлечност, но и одвратност. Секако, тука нема да има вистинско чувство на пријатност, бидејќи конкретниот музеј изложува дури „80 кулинарски ужаси“ од околу 30 земји. Секоја посета завршува со дегустација, барем во матичниот музеј во Малме, доколку сте доволно храбри да го направите тоа. Бројот на јадења не е преголем, но понудата е сепак доста разновидна, па тука може да се види сирење со црви од Сардинија, кинески т.н столетни јајца, пржени гасеници од Јужна Африка, но и многу други „деликатеси“.

Новинарот Де Мејер бил доволно храбар да вкуси дел од јадењата што ги видел. Тој израснал со мајка авторка на книги за готвење, поради што никогаш немал проблем да проба се и сешто, но неговите реакции покажале дека не зацврснал доволно. Испробал храна за која изјавил дека мирисала како ѓубре, неизмиени тела и други ужаси. Тој вели дека овде десет пати по ред му се „превртел стомакот“ и со тоа го надминал својот рекорд, кој дотогаш бил заглавен на шест. Но, ако се плашите дека може да ви се случи такво нешто, утешно е што картите се испечатени токму на кесите кои можат да ви послужат за оваа намена.

Луда идеја
Коосновач на овој музеј, кој сега е негов куратор, е психологот Семјуел Вест од Калифорнија, кој веќе подолго време живее во Шведска. Според него, се започнало во 2016 година во Загреб, кога го посетил Музејот на прекинатите врски. Тоа е местото каде што тој дошол на идеја да се оттргне од традиционалните музејски поставки. Вели дека идејата да го основа Музејот на неуспехот дошол додека ги разгледувал личните предмети од неуспешните врски изложени во тој загребски музеј. Го отворил веќе следната година, а неговата намера како психолог била да им ја пренесе на луѓето пораката дека неуспехот е важен за постигнување успех. Во него се прикажани епски неуспеси како Google Glass, кои постојано се враќаа на пазарот со надеж дека конечно ќе доживеат успех. Иако Музејот на неуспехот се занимавал со отсуството на успех, тој доживеал голем комерцијален успех, заради што подоцна Вест и големиот гурман Андреас Аренс, решиле да ги здружат силите за да започнат нов музеј. Така се родила лудата идеја за основање на Музејот на одвратна храна. Андреас, кој сега е директор на музејот, ги избрал експонатите, а при изборот ги имал предвид вкусот, текстурата, мирисот и начинот на подготовка на храната. Меѓу одвратните намирници се наоѓа и свинско месо, но пред се поради масовното одгледување кое неповолно се рефлектира врз нашата планета.

Меѓу експонатите се наоѓаат и одвратните пијалаци. Така тука си го најде местото џинот варен со мравки. Оние кои го пробале, а имаат префинето непце, велат дека има остри цитрусни односно мравји ноти. Не сме сигурни дека би сакале да провериме дека тие описи се соодветни, па затоа ќе им веруваме на збор.

Тука свое место најде и шкотското пиво кое на пазарот е од 2010 година и е едно од најјаките пива во светот со висока содржина на алкохол од дури 55 проценти. Она што му дава дополнителен шмек е начинот на кој се служи, а тоа е шише сместено во тело на препарирана верверица, па додека пиете, може да добиете болен впечаток дека бакнувате верверица. Притоа, тоа пиво, ако решите да го купите, ќе ве чини ѓавол ипол. Ова пиво добро ја опишува современата „култура на здодевност“ која забавува на вознемирувачки и невиден начин, што може да предизвика чувство на одвратност, но не онаа поврзана толку многу со рецепторите за вкус, колку онаа што е тесно поврзана со нашитеодноси со другите суштества.

Соодветен логотип
Постои и јужнокорејско вино кое се базира на детски измет. Тајната за неговото подготвување е ферментација во оризово вино, но се сомневаме дека оваа тајна ќе ја искористите во некоја ваша подготовка. Андреас вели дека за подготовка на ова вино го користел изметот на неговата тогаш осумгодишна ќерка, но дека не го пробал и не може да се реши на тој чекор. Сепак, како што дознавме, ова вино некогаш се користело како лек во Јужна Кореја. Андреас се пожалил на ужасната смрдеа на која бил изложен за време на неговото производство.

Ако мислите дека автоматски ќе ве погодат ужасни мириси во музејот, тоа нема да се случи освен ако не одлучите самите така. Имено, ваквата храна е затворена под стаклени куполи, за мирисите да не допираат до вас. Одредени јадења се подготвуваат повторно секоја недела, а некои траат долго, како гореспоменатото јужнокорејско вино, за среќа на неговиот производител. Дел од храната е претставена како реплика, додека друга е дадена во облик на видео записи. Логото на музејот е, би рекле, одлично избрано и гласи: „Фуј“. Посетителите ги водат низ музејот табли на англиски и шведски, а покрај секој експонат стои името на јадењето, како и неговата историја и потекло. На крајот можете да вкусите некои јадења, се разбира не сите. Така можете да пробате еден вид смути од јајца од жаби и препелици, десерт од мушички и многу пострашни работи од наведените, но за тоа сепак ќе треба сами да го посетите музејот. Музејот има поставено и еден вид штанд за фотографирање и испробување на мирисите кои се прскаат околу вашето лице. На тој начин можете да се соочите со мирисот на сирењето кое ја носи титулата најсмрдливо во светот. Во музејот почесно место има и хакарла, јадење кое покојниот Ентони Бордеин го нарече „најлошата, најодвратната работа, со најстрашниот вкус“. Веројатно сега сте во дилема за какво јадење станува збор. Тоа е месо од гренландска ајкула кое долго ферментира, а на крајот од тој процес има вкус кој „поетски ги спојува“ вкусовите на амонијак и риба.

Критики од Кина
Новата филијала на овој музеј е основана во Берлин, но не е идентична со матичната куќа, така што тука во музејот не можете да консумирате храна, но можете да ја купите и да ја однесете дома. Креаторите на Музејот на одвратна храна не се вегани или вегетаријанци, но велат дека сакаат да веруваат дека на овој начин придонесуваат за спас на планетата. Тие веруваат дека со рушење на разни табуа во размислувањето за храната како културен феномен, луѓето полесно ќе прифатат нова храна како инсекти, алги и лабораториско месо. Во моментов сме во период кога е неопходно да се преземат радикални чекори во исхраната. За да се случи ова, треба да се надмине аверзијата кон новите извори на протеини, но не сме сигурни дали овој музеј и другите слични на него ќе имаат клучна улога. Поентата е дека промените во исхраната треба веднаш да се направат бидејќи луксузот на постепеност одамна исчезна.

Секако, овој музеј има и свои слабости. Дел од јавноста смета дека музејот се потсмева со храната, па дури и му се припишува расизам. Ако го оставиме настрана фактот дека музејот е забавен, навистина има аргументи за одредени приговори, но подигнувањето на ова на ниво на расизам сепак би било малку премногу. Имено, во музејот постои диспропорција меѓу бројот на јадења и бројот на земји од кои доаѓаат. Па дури 11 јадења се од Кина. Давањето толку многу простор за храна од една земја на сметка на други може да изгледа навистина навредливо. Што е со остатокот од светот, кога музејот зема храна само од 35 земји? Секако, Кинезите се особено лути на сето тоа бидејќи сметаат дека се шират предрасуди за кинеската прехранбена култура, како на пример оние дека сите Кинези јадат кучиња. Копјата се кршат и околу тоа дали овде има што да бараат американските колачиња наречени поп-тартс, односно, оние вкусни колачиња кои се ставаат во тостер пред конзумирање. Иако не можат да се класифицираат како одвратна храна, можеме да разбереме дека креаторите на шоуто сакале да предизвикаат згрозеност од нездравоста на овие намирници и нивните штетни ефекти кои доаѓаат со долготрајното консумирање.

Независен суд
Антропологот за храна од Универзитетот Лунд, Хакан Џонсон, смета дека одвратноста е резултат на биолошки и културни фактори и дека понекогаш е невозможно точно да се утврди што е резултат на што. Тоа би значело дека не се расправа за вкусовите за храната. Музејот на одвратна храна им овозможува на посетителите да ги преиспитаат своите идеи за храната преку игра. Но, таа игра во голема мера е дадена од тесна перспектива на еден дел од светот, каде што фокусот е премногу на некои, а на други премалку. Од друга страна, концептот на одвратност беше пофално проширен на еколошки неприфатлива и нездрава храна.

Но, овие приговори не значат дека музејот треба да се заобиколи, напротив, повеќето коментари на посетителите, барем од Запад, се повеќе од позитивни. Важно е да се има предвид дека музејот има свои слабости. Некои дури одат толку далеку во своите поплаки што се нафрлуваат на комерцијализацијата на овој музеј, наместо да се нафрлуваат на капиталистичката реалност. Впрочем, институциите не можат да функционираат без пари, а целиот свет е организиран по принципот на профит. Конкретниот музеј одлично ја проценил својата публика, па е исклучително комерцијален, поради што многумина му завидуваат, па иако фрлаат „камења“ по музејот, веројатно би дале се да смислиле нешто вакво самите, без разлика што велат за тоа. Во принцип, „никогаш не судете книга според нејзините корици“, подобро проверете сами што има меѓу нив и донесете своја независна проценка.