На ултра-процесираната храна треба да стои предупредување како на цигарите

Фото: Freepik
219

Во февруари, најголемиот светски преглед од ваков вид покажал дека UPF (ултра преработената храна) е директно поврзана со 32 штетни ефекти по здравјето, вклучително и поголем ризик од срцеви заболувања, рак, дијабетес тип 2, лошо ментално здравје и рана смрт.


Ултра-процесираната храна (Ultra-processed foods – UPF), треба да се продава со предупредувања во истиот стил како оние на тутунот, но и да подлежи на потешко оданочување поради влијанието врз здравјето и смртноста, смета професорот Карлос Монтеиро од Универзитетот во Сао Паоло.

„УПФ го зголемува својот удел и доминира во глобалните исхрани и покрај ризикот што го претставува за здравјето во смисла на зголемување на ризикот од повеќе хронични болести“, изјавил Монтеиро за Гардијан пред Меѓународниот конгрес за дебелина во Сао Паоло.

„УПФ ја менуваат поздравата, помалку преработена храна низ целиот свет, а исто така предизвикуваат влошување на квалитетот на исхраната поради нејзините штетни атрибути.

Овие намирници ја поттикнуваат пандемијата на дебелина и други хронични болести поврзани со исхраната, како што е дијабетесот“, вели тој.
Острото предупредување доаѓа во услови на брзо растечка глобална потрошувачка на УПФ, како што се житарици, протеински барови, газирани пијалаци, готови оброци и брза храна.

Во Велика Британија и САД, повеќе од половина од просечната исхрана сега се состои од ултра-обработена храна. За некои, особено луѓето кои се помлади, посиромашни или од загрозени подрачја, типична е исхраната која содржи дури 80% UPF.

Во февруари, најголемиот светски преглед од ваков вид покажал дека UPF е директно поврзана со 32 штетни ефекти по здравјето, вклучително и поголем ризик од срцеви заболувања, рак, дијабетес тип 2, лошо ментално здравје и рана смрт.

Монтеиро и неговите колеги првпат ја употребиле фразата UPF пред 15 години кога го дизајнирале системот за класификација на храна „Нова“. Тој не ја проценува само хранливата содржина, туку и процесите на кои се подложува храната пред да се консумира.

Системот ги става храната и пијалаците во четири групи: минимално обработена храна, преработени кулинарски состојки, преработена храна и ултра-преработена храна.

Монтеиро изјавил за Гардијан дека е сега толку загрижен за влијанието што UPF го има врз здравјето на луѓето што студиите и прегледите повеќе не се доволни за да ја предупредат јавноста за опасностите по здравјето.

„Потребни се кампањи за јавно здравје како оние против тутунот за да се ограничат опасностите од UPF“, вели тој за Гардијан.

„Ваквите кампањи би ги вклучиле здравствените опасности од потрошувачката на UPF. Рекламите за UPF исто така треба да бидат забранети или строго ограничени, а треба да се воведат и предупредувања кои ќе стојат на предната страна на пакувањата и ќе бидат слични на оние што се користат на кутиите цигари“.

Професорот смета дека треба да се забрани продажбата на UPF во училиштата и здравствените установи и дека таа треба да подлежи на големо оданочување при што генерираните приходи ќе се користат за субвенционирање на свежа храна.

Тој, исто така, прави паралели меѓу УПФ и тутунските компании.

„И тутунот и UPF предизвикуваат бројни сериозни болести и предвремена смртност; и двете се произведени од транснационални корпорации кои огромниот профит што го добиваат со нивните атрактивни производи кои предизвикуваат зависност ги инвестираат во агресивни маркетинг стратегии и во лобирање против регулативата; и двете се опасни по дизајн, така што преформулирањето не е решение“.