Совршените вкусови на овој шумски деликатес ни се на располагање во моментов и едноставно не смееме да ги пропуштиме. Варени или печени, солени или слатки, костените се секогаш вкусни, па еве еден практичен совет за секој есенски ден.
Дали и вие ѝ припаѓате на онаа група која едвај чека печените костени да замирисаат и да заземат стратешки места во вашиот град? Ние припаѓаме, о да…
И затоа, еве еден краток водич како да го направите истото, а можеби и подобро, дефинитивно поевтино, во вашиот дом, бидејќи освен што се многу вкусни, изобилуваат со многу витамини и минерали.
Еден питом, јадлив костен содржи околу 50% вода, белковини и јаглено – хидрати, а неговата најважна состојка е скробот.
Исто така костените изобилуваат со калциум, магнезиум, хлор, железо, бакар и манган, а содржат и фосфор и витамини од групата Б.
Како да ги спремите дома?
За почеток, не ризикувајте непотребни повреди со тапи ножеви и сечење на кората на крстови или кругови, потребна ви е само една долга линија по целиот костен и тоа се прави со назабен нож за леб!
Внимавајте на рацете во секој случај.
Во тенџере со вода ставете ги костените и варете додека водата не зоврие, а потоа исцедете ги, ставете ги во сад за печење и печете ги во тепсија на рингла или во рерна на 220 степени околу 20 минути.
Кога ќе бидат готови, завиткајте ги во кујнска крпа и оставете ги да одморат неколку минути.