Најдобрата ракија во светот ја прави Македонец: Магичната лозова „Бараба“ е прогласена за најдобра на меѓународен натпревар во Лондон

Фото: Фејсбук/Подрум Палиќ
818

Ракијата Бараба на српската дестилерија „Подрум Палиќ“ е прогласена за најдобрата ракија во светот на меѓународен натпревар во Лондон, а технологот кој ја произведува е штипјанецот Александар Рунчев. Што би се рекло, српски бренд, ама македонски марифет

На International Wine and Spirits Contest, еден од најпрестижните натпревари во светот за алкохолни пијалаци кој се одржува во Лондон, годинава учествуваа 98 земји со повеќе од 4100 примероци. Пијалаците ги оценуваа 120 експерти.

Меѓу нив и српската дестилерија Подрум Палиќ 1896 од Србија, чиј технолог за производство на јаки алкохолни пијалаци е штипјанецот Александар Рунчев. Дестилеријата учествувала со комплетната линија „Baraba“ и Podrum Palić Vinjak. Сите 6 ракии добиле награди, а „Baraba Lozovaća“ добила злато со 99 поени, награда Outstanding Gold и трофеј за најдобра ракија во светот од својата категорија. Вкусот на ракијата е опишан како „овошен со заоблени вкусови на сочни јагоди, ананас, свежи кајсии, вкусни мандарини и мирисна москато нота на грозје, со великодушно долга цветна завршница. Едноставно магична“.

Сензорното оценување вклучува оценување на основните карактеристики: боја, бистрина, типичност, мирис и вкус, а мерен инструмент е човекот.

Заштитно лице на овој српски бренд е српскиот актер Срѓан Жика Тодоровиќ.