Огнено крштевање на малиот су-шеф

668

Малиот Адил Ефе Сезер, кој во саботата, на пазарчето во „Јавна соба“ беше помошник готвач на неговиот татко Акин Сезер, од возбуда не спиел цела ноќ пред тргнувањето за Скопје. Сепак, и покрај уморот, кога ја почувствува прегратката на татко му и застана пред објективот, спремно ја развлече устата во неодолива насмевка на вистинска ѕвезда.

Адил Ефе, кој во септември ќе полни 9 години, инаку син на натурализираниот охриѓанец Акин Сезер кој го знаеме како производител на органски зеленчук (чии видови, ако треба да ги наброиме, ќе сочинуваат една многу долга, широка и разновидна листа), е најверниот асистент на неговиот татко во сите активности поврзани со производството на храна.

Детенце, но детенце кое точно знае како од семка настанува растение и како истото потоа доаѓа во нашите чинии. Ова детенце, вели неговиот татко, не спиело цела ноќ пред тргнувањето во Скопје оваа сабота, на пазарчето во „Јавна соба“, од возбуда, затоа што ќе му помага на својот татко кој беше специјален гостин на пазарчето и приготви многу интересно и вкусно мезе во кое главна ѕвезда беше баклата, а малиот Адил Ефе, негов су-шеф.

Да, малиот су-шеф има две имиња, едното, Адил, е на неговиот дедо, татко на татко му, како што вели тато Акин, чесен и фер човек, а веруваме дека во таков ќе порасне и малиот Адил Ефе. А дека е на вистинскиот пат доволно зборуваат и неговите интереси. Освен што веќе знае многу за земјоделието и за производството на храна, знае и да позира, па и покрај уморот, кога ја почувствува прегратката на татко му и застана пред нашиот објектив, ја развлече устата во неодолива насмевка.

А на нивниот репертоар, две свежи салати и едно макало, главна ѕвезда беше баклата, позната и како фава грав, која иако многумина од нас не ја знаат, е всушност мешунка која била присутна на нашите простори со векови, но подоцна некако исчезнала од „репертоарот“ на земјоделците.

Кај Акин Сезер, таа е дел од репертоарот, како впрочем и голем број други зеленчуци кои речиси и ги нема кај никој друг. Поголемиот дел од производите во неговата градина се можеби и за првпат испробани во Македонија. Така, тој е и прв регистриран произведувач на артичока во Македонија, која одлично се вклопува во неговото макало со лук и му дава еден нов и поинаков вкус кој не ја загрозува популарноста на веќе добро познатиот и проверен бренд на макалата од брендот „Папа’с“, туку гордо стои покрај нив со својот сосема поинаков, „сезеровски“ печат.

Што се однесува до саботното мезе од шеф Акин Сезер и неговиот помош Адил Ефе Сезер, највкусен и најинтересен беше намазот сличен на хумус, во кој наместо наут, се употребува бакла. Останатите состојки кои се ставаат во него се истите оние што ги употребуваме и во хумусот со наут: таан, масло, сок од лимон, зачини.

Исто така, според советите на Акин, баклата се вари само 20 минути, а кога е млада може да се јаде и заедно со мешунките.

А нам ни останува до следното мезе од рацете на тато Акин и малиот Адил Ефе Сезер, да си ја воведеме баклата на нашето мени.

.