Најгрдиот тревник на светот ќе биде победник на светскиот еколошки предизвик за заштеда на вода

Фото: Фејсбук
264

Глобалното движење за позитивни промени ги повикува сите сопственици на тревници: бидете горди со вашиот грд, сув тревник и штедете вода! Додека светот мисли за иднината, кај нас безмилосно арчат вода сите, од поединците до општинските власти

Огромни количества вода се користат за наводнување на тревниците заради естетика. Како што светот станува сѐ потопол, недостигот на вода е сѐ поголем проблем. Затоа шведскиот остров Готланд го предизвикува светот да заштеди вода преку споделување слики од грди, суви тревници.

Овој натпревар „Најгрдиот тревник“ започна во Готланд, Шведска во 2022 година и не само што придонесе за намалување на потрошувачката на вода, туку и поттикна разговори за водата и надвор од границите на Шведска. И сега, тоа не е само мисијата на Готланд – тоа е глобален предизвик – да се најде најгрдиот тревник на светот.

Глобалниот предизвик во 2023 година беше лансиран со разговор на Зум помеѓу актерката и активист за одржливост Шејлин Вудли и Маркус Норстром, минатогодишниот победник со најгрдиот тревник на Готланд.

„Овој предизвик е одличен начин да се влијае на луѓето ширум светот да користат помалку вода“, вели американската актерка, на многумина позната по популарниот филмски серијал за млади „Divergent“ (Поинаква) и серијата „Мали лаги“. Шејлин, која е и еколошка активистка, се здружи со шведскиот остров Готланд за да ја подигне свеста за проблемот и ги покани луѓето да споделат слики од грди тревници на социјалните мрежи.

Имено, секојдневно се користат огромни количества вода за наводнување на тревниците само заради естетика. Со оглед на тоа што недостигот на вода е сѐ поголем проблем, со ненаводнување на тревниците можеме да ја заштитиме достапноста на подземните води.

Како што предвидува УНЕСКО, недостигот на вода во урбаните средини ќе станува сѐ поголем и до 2050.година ќе се удвои.

Минатогодишниот натпревар на Готланд помогнал да се намали потрошувачката на вода во домаќинствата на островот за 5 проценти во однос на претходното лето.

„Ако повеќе луѓе можат да ја видат убавината во „грдиот“ тревник, светот може да заштеди многу вода“, вели Швеѓанецот Маркус Норстром.

Кој сака, може да учествува со споделување слика од својот грд сув тревник со користење на хаштагот #worldsugliestlawn или со испраќање слика на е-пошта на [email protected], до 25 декември 2023 година.