Наместо шкембе чорба, во Битола се јаде и вкусно саганаки: Омилениот битолски шеф, освен нашата, во мал прст ја има и морската храна

3.361

Битолскиот шеф Јове Балуловски вели дека од секогаш сакал да готви. Прво учел од мајка му, а потоа почнал да ја изненадува со своите почетнички кулинарски експерименти кои колку и да биле неуспешни, изгорени или недопечени, за неа биле највкусното нешто.

Нашиот домаќин Јове Балуловски, шеф на кујна во битолскиот ресторан „Елисиум“, вели дека од секогаш сакал да готви. Прво учел од мајка му, а потоа почнал да ја изненадува со своите почетнички кулинарски експерименти кои колку и да биле неуспешни, изгорени или недопечени, за неа биле највкусното нешто. Од 6 до 19 години живеел со семејството во Опатија, Хрватска и таму завршил и средно угостителско училиште.
Бидејќи биле 4 деца кои живееле со самохрана мајка, Јове од свои 13 години, како најстар од браќата и сестрата, почнал да ѝ помага на мајка си готвејќи за нив. Првпат решил да ја изненади и да ѝ испржи компири кои биле малку подгорени, но за неа, кога се вратила од работа, тоа бил највкусниот оброк на светот.
Потоа продолжил да готви за семејството станувајќи се подобар и подобар. Одел на пракса во тамошните ресторани и хотели, а потоа, продолжил да стекнува искуство и како војнички готвач во касарната „Илинден “ во Ѓорче Петров.
„Кога почна војната во СФРЈ се вративме во Македонија и од тогаш сум тука, во Битола. Кога отидов во војска, бев готвач, па моите другари секогаш ми бараа преку врска дупла порција од ручекот, а најмногу кога на репертоарот имавме војничко гравче“, се потсетува Јове на војничките денови кои тој ги минал во најбитниот дел на касарната – во кујна.
Потоа, по враќањето во Битола, стекнувал искуство работејќи во најпознатите угостителски објекти во градот како: Милениум, Гламур, Белведере, па цели 15 години во Епинал и сега веќе една година, од самото отварање на битолски „Елисиум“, во рамките на хотелот „Гранд Централ“, е шеф на кујна во истиот.


Тој е главниот „виновник“ поради кој дури и ако не сте дошле за да пробате нешто традиционално и најдобро од Битола, како шкембе чорба, сарма и џимиринки, сепак нема да си одите гладни. Меѓудругото, ќе ве изненади и со нешто позајмено од соседството, а зготвено уште подобро отколку што тоа го прават соседите, по нивниот оригинален, традиционален рецепт. Нешто како грчкото саганаки, но и вкусен телешки бифтек кој изгледа како ХХЛ порција во некој фенси ресторан.
Покрај нашата традиционална храна, не помалку омилена му е и морската на која, иако знаејќи дека пораснал и се школувал во град на море, би очекувале да му влегла под кожа токму таму, вели дека не е така.


„Многу ја сакам морската храна, па освен што сум навистина умешен во нејзиното подготвување, јас сакам и да ја јадам, па некако ми е на пидесталот на исто место со нашата македонска традиционална кујна. Најмногу за приготвувањето на оваа храна научив во Епинал, од неговиот сопственик кој е сега покоен, но додека работев за него беше главен увозник на морска храна во Македонија и мене и сите други кои сме работеле за него, не научи се за оваа кујна“, вели Јове.
Инаку, вели, приготвува се, од сарми, питулици, гравче-тавче и џимиринки, до шкампи и други морски деликатеси, но и разни негови варијации со сосови од сезонски плодови, како на пример, телешко во сос од костени, чорба од тиква и други. Неговите деца, синот кој има само 12 и ќерката која има 20 и е студентка на медицина, не се заинтересирани да го наследат. Дома, главна во кујната е неговата сопруга, а тој стапува на сцена само за специјални пригоди како што е тоа неговиот именден, Свети Јован или семејната слава на Свети Никола, за родендени и други поголеми семејни прослави.

Нема идоли, но има неколку готвачи кои му се интересни, па одвреме навреме гледа да најде време и да ѕирне во нивните „кујни“, односно, на нивните страници на социјалните мрежи.
„Интересен ми е Нусрет, турската кулинарска ѕвезда, познат по својот посебен начин на солење на храната, потоа Џејми Оливер и други. Никогаш не е се научено и секогаш има уште нешто што можете да научите од некој друг“, вели шеф Јове враќајќи му се на своето работно место во кујната кадешто плива како риба во вода, а најсреќен е кога гостинот ќе му каже дека јадењето било навистина добро.