Наместо во вода, потопете го гравот во сурутка: Поздрава и подобра варијанта за вашиот желудник

Фото: Freepik
140

Освен долготрајното натопување во вода на намирниците што содржат фитинска киселина, постои и друг метод, а тоа е, „проблематичната“ храна да се натопи во сурутка.

Гравот е едно од омилените јадења кај нас, а секој има свој трик кој го олеснува подготвувањето на ова најпознато јадење во разни варијанти. Меѓутоа, поради една супстанца која се наоѓа во него, гравот може да предизвика дигестивни проблеми.

Мешунките, јаткастите плодови, житарките и семките се здрава храна, но можат да бидат многу штетни за организмот поради фитинската киселина.
Оваа киселина ги врзува важните елементи како бакар, магнезиум, јод, железо и цинк. Како резултат на тоа, тие се излачуваат од телото предвреме, односно пред да донесат некаква корист за нашиот организам.

Дигестивниот тракт не содржи „бариера“ која ќе штити од фитинска киселина, која го спречува телото да апсорбира минерали, протеини и масти. Последица на тоа е дефицит на важни хранливи материи, што дополнително ќе предизвика проблеми со мускулно-скелетниот, имунолошкиот и дигестивниот систем. Фитинската киселина е една од најчестите причини за анемија како последица од дефицит на железо кај вегетаријанците, според Светската здравствена организација (СЗО).

Која храна е богата со фитинска киселина?
Од намирниците кои содржат голема количина на фитинска киселина, ендокринолозите ги издвојуваат овесот, оризот, пченицата, сите житарки, гравот, леќата, кикиритките, грашокот и сојата. Проблематични се и некои јаткасти плодови, како што се лешниците, бадемите и оревите. Голема количина на фитинска киселина има и во семките од сончоглед, афион, лен, тиква и сусам.

Сите овие намирници содржат голем број на хранливи материи кои му се потребни на организмот, вклучително и влакна, па затоа не треба да се откажувате од нив.

Како да се ослободите од фитинската киселина?
Постојат неколку начини за неутрализирање на оваа киселина. Еден од нив е термичката обработка. Овој метод ја намалува содржината на фитинска киселина за 30-35 проценти. Најдобар ефект се постигнува со потопување на храната во вода. Единствениот недостаток на овој метод е тоа што бара многу време.

На пример, кафеавиот ориз ќе треба да се остави во вода 12 часа, овесните снегулки 10-12 часа, белиот ориз девет часа, бисерниот јачмен шест часа… За подобри резултати можете да додадете малку оцет или сок од лимон во водата.

Но, постои уште еден начин кој може да помогне во неутрализирањето на фитинската киселина, а тоа е да се натопи „проблематичната“ храна во сурутка. Исто така, при никнување на гравот и житарките, количината на фитинска киселина се намалува за околу половина. Комбинираната обработка на намирниците е најдобриот метод па така, ако истата храна прво се натопи, па се зготви, најголемиот дел од фитинската киселина ќе биде „исфрлен“ од неа.