Не фрламе ништо! Ладна супа од кора од лубеница

196

Станува збор за белиот дел од лубеницата кој се наоѓа меѓу зелената кора и црвената внатрешност. Значи, не го фрлајте! Направете за 5 минути освежителна супа или пак вкусна салата

Иако сме навикнати да ја јадеме само сочната црвена внатрешност на лубеницата, време е да го смениме тоа.

Кората од лубеница е исто така јадлива, но и богата со корисни хранливи материи. 

Во овој дел од лубеницата се наоѓаат витамините Б и Ц и цитрулин кој се претвора во аргинин, кој е многу важен за здравјето на срцето и за циркулацијата.

Со белиот дел од кората може да се направи и зимница такашто таа ќе се подготвит на сличен начин како и киселите краставички.

Но може да се направи и нешто набрзина – ладна супа.

Станува збор за белиот дел од лубеницата кој се наоѓа помеѓу слаткиот црвен плод и зелената кора. Иако црвената внатрешност е неспорно највкусна и белиот дел може да биде вкусен, но на поинаков начин.

Супа од кора од лубеница

Состојки:

Кора од една кришка лубеница

1 помала краставица

1 лажица сок од лимон

1 лажица маслиново масло

200 мл јогурт

сол, црн пипер, копар

Приготвување:

Откако ќе ја исечете лубеницата и ќе го одвоите црвениот дел, излупете го со нож за лупење зеленчук надворешниот дел – зелената кораа, а белиот дел исечете го на коцки.

Ставете ги во блендер заедно со краставица исечена на коцки, 1 лажица маслиново масло, 1 лажица сок од лимон, 200 мл јогурт, сол, црн пипер, копар и едно чешне лук.

Изблендирајте и ставете ја смесата убаво да се излади.

Оваа одлична супа е многу освежителна, вкусна и најважно, се прави дури побрзо и од таратур.

Еве еден рецепт и за салата со белиот дел од кората.

Состојки:

1 кисела павлака

3 чешниња лук

бел дел од лубеницата

1/2 краставица

1 пиперка

2-3 ротквици

1 лажица маслиново масло

вински оцет или балсамико

Приготвување:

Подгответе ја кората од лубеницата на ист начин како за супата, но наместо да ја сечкате, изрендајте ја.

Истото направете го со краставицата, ротквиците и пиперката, а лукот исечкајте го.

Ставете ги сите состојки во сад за салата и зачинете.

На Блискиот Исток и Кина се консумираат и семките од лубеница.

Најчесто се сушат и се печат и се консумираат како закуска.