Не постојат чудотворни лекови, Б17, петролеј, сирова исхрана… Сѐ е во умереноста, разновидноста и физичката активност

Фото: Pexels
1.034

На својот блог српскиот биохемичар проф.д-р Зоран Вујчиќ ги урива митовите за здравата храна и „чудотворните“ лекови против рак

Колку пати сте слушнале за овие 4 правила кои би требало да ги почитувате ако сакате да сте здрави?
1. Не јадете црвено месо, тоа е канцерогено
2. Јадете само сирова храна
3. Користете Б17 против ракот
4. Вакцините се опасни
Д-р Зоран Вујчиќ, редовен професор на Хемискиот факултет во Белград има свој блог кој го отворил со цел да се разбијат митовите за „лековитите препарати“, „епохалните“ откритија, сите дилеми во врска со правилната исхрана, „чудотворните“ лекови, здравите и штетните навики. Тој се фаќа во костец со сите оние неаргументирани и неточни информации кои со години наназад се појавуваат во медиумите и на социјалните мрежи.
Идејата да пишува на оваа тема ја добил од интеракцијата со неговите студенти кои, како што вели тој, му доаѓале со заблуда дека, на пример, жолтиот шеќер е поздрав од белиот, дека млекото со варење може да се претвори во сулфурна киселина, дека петролејот може да излекува рак. Сепак, главна причина бил коњскиот шампон, кој почнал да се продава како чудесен шампон од кој на ќелавите ќе им порасне коса. Неговата сопруга тогаш му рекла дека би морал да напише нешто за луѓето да не им веруваат на тие глупости. Така се родила идејата за неговиот блог, иако, како што вели, Фејсбук е уште поефикасен во вистинската борба против разни измамници кои продаваат Б17, петролеј, сомнителни капсули од сѐ и сешто против рак, шеќерна болест и други здравствени проблеми.

Дали постои здрава исхрана?

Според Вујчиќ, не постои здрава исхрана туку таа може да е само помалку или повеќе нездрава.

„Човечкото незнаење е чудо. Ајде да видиме како млекото, шеќерот, солта, маснотиите, брашното можат да предизвикаат смрт. Како? Па, постои можност човек да се удави во млеко, да му се залепи шеќер во грлото, да се лизне на маснотии и да ја удри главата на некој раб.

Сите овие намирници се исто толку смртоносни како и сите други. Да беа толку опасни, немаше да бидеме тука. Што јадеше народот? Житарки, месо, масти. Но, ако некој претера со солење на храната, ќе му се зголеми крвниот притисок. Ако јаде постојано и многу масти, холестеролот ќе му се покачи. Но, ако јаде сѐ што е масно на масло, тоа може да предизвика воспалителни реакции. Како и секогаш, тајната е толку едноставна, што е едноставно неверојатно. Умереност, разновидност и ако воопшто е можно, физичка активност. Мене многу повеќе ме плашат оние што јадат сиров храна, оние кои пијат супа од масни бадеми што некој по грешка ја нарече бадемово млеко, шетаат боси, применуваат уринарна терапија, се лекуваат хомеопатски и не ги вакцинираат децата. Ни се насмевнува средниот век“, вели тој и додава: „Замислете кога ќе купите од оние кокосови ореви кои веќе буѓосале на рафтовите од маркетите, или сте купиле зеленчук на кој му се симнува слој по слој додека скапува на тезгата. Сега, замислете сето тоа да го изматите и да направите смути кое ќе му го дадете на детето да го испие како здрав напиток. Се знае што може да се јаде сирово (на пример, бананите, но никако спанаќ). Со варење многу хранливи состојки стануваат подостапни, а се убиваат и многу патогени бактерии. Месото не е ништо поздраво, ниту понездраво од зеленчукот. Месото е полно со хормони, антибиотици и можни микотоксини. Зеленчукот е значително побогат со микотоксини, тешки метали, хербициди и пестициди. Токму како што сме и ние полни со сите тие хемикалии.
Црвеното месо вели тој е штетно доколку е тоа единствена храна. Претерувањето е клучот за генерирање на повеќето проблеми. Месните преработки се индустриска храна полна со адитиви, непотребни додатоци, палмино масло, стабилизатори, згуснувачи, вештачки бои и слично. Секако дека не е сѐ канцерогено, но некои супстанции едноставно се. Еве што им е заедничко на сировиот спанаќ (и на варениот но во помала мерка) и на колбасите, кренвишлите и паштетите – натриум нитрит. Дали е канцероген? Без сомнение. Сѐ е секогаш во дозата, а колку повеќе се внесува, ризикот е сѐ поголем“.

Дали едно јаболко на ден станува причина за одење на лекар и како да ги миеме намирниците?

Според д-р Вујчиќ, онаа максима дека едно јаболко на ден не чува од одење на лекар, повеќе не важи.

„Миењето на намирниците кои се прскани со разни хемикалии, не помага. Некогаш постоеше верзијата дека едно јаболко на ден и нема потреба за доктор. Сега сум сигурен дека е обратно. Едно јаболко дневно (се прска 26 пати во текот на производството) и сигурно ќе морате на лекар. Миењето треба да е кратко и овошјето треба веднаш да се изеде или зеленчукот веднаш да се обработи. Нашите стари не биле толку глупави кога го прскале овошјето со препарати од креч, а овошјето пред обработка го потопувале во креч. И јаделе варено слатко или пекмез. Водата најчесто не ги раствора тие соединенија кои се на површината од овошјето и кои се дел од општиот здравствен ризик. Ако производителот не ја почитува дозата, ете ги проблемите. И тука главен виновник е профитот. Многу сорти кои биле отпорни на болести не опстанале затоа што имале значајно помал принос. Здравствената исправност никому не му е важна. Ниту на производителите ниту на консументите. Што мислите, од каде толку болести: Пред сѐ, заради неадекватното хранење. Има ли крај на тоа? Секако. Секако, тоа ќе биде крај на цивилизацијата“, вели тој.
Според Вујчиќ, најдобро овошје е она кое полека се јаде и се џвака, па и соковниците се тука само заради профит.

„Обичните соковници се сосема во ред и нема потреба да се фрлаат пари на најнови модели. Иако, најдобри се оние соковници кои ги даваат одвоено сокот и пулпата. Таа пулпа е одличен концентриран извор на влакна. Сокот од јаболки (оние кои се прскани 26 пати) е секогаш одличен“, вели Вујчиќ.
И на крајот, за комбинирањето на намирниците за кое се зборува, како и за приказната за базни и кисели намирници, доктор Вујчиќ вели дека се мит.
„Мит, маркетинг религија. Киселината и базата се ноторни глупости, кои ги лансирале публицистите со измислената приказна дека уште во 1934 година научниците го тврделе тоа. Не го тврделе. Ако pH вредноста на крвта се промени за повеќе од 0,1 pH единица (нормална е 7,3-7,4), се јавуваат сериозни здравствени проблеми. Замислете како човек пие лимонада и веднаш му се менува pH вредноста. Ако тоа е вистина, тој би умрел побрзо отколку да е во прашање анафилактичка реакција“.

За ракот и за чудотворните лекови

Според д-р Вујчиќ, ракот е болест со многу лица. И постојат многу начини на настанување. Од хемиските агенси, на пример, чадот од цигари како збир од цела шума соединенија, до многуте адитиви во храната и ризичните соединенија во водата и пијалаците. Тука се и онковирусите, пиралените и илјада други ризици. Суштината е во полудените клетки кои се множат без контрола. Значи дека организмот ги изгубил особините за контрола и елиминација. Нема никаква врска со фејсбук хистеријата за базните и киселите намирници. Според него, неосновани се оние режими кои ги воведуваат некои нутриционисти за регулација на pH вредноста на телото, свесно мамејќи ги пациентите. Да не ги заборавиме и наследните фактори. Покрај тоа, реално, колку пати сте виделе трудница во поодмината бременост како страсно пуши. А токсините влегуваат во крвта, напаѓајќи ги клетките и молекулите на ДНК. Тоа е голем ризик, за организам кој сѐ уште не е формиран.

Што се однесува до препаратите за борба против ракот, д-р Вујчиќ вели:
„B17 е токсичен гликозид, на кои аптеките заработуваат илјадници евра. Во суштина, не е пријавен ниту еден официјален и документиран случај на излекување од рак, па затоа ги измислија Хунзите и ете ги низ цел свет отровните семки. Би рекол дека има барем 300 милиони Хунзи со оглед на тоа колку производи има на пазарот.
Сода бикарбоната е одлична за смирување на киселините и за чистење на протезите. И не постои фармацевтска сода без алуминиум. Во содата никогаш и го немало. Го имало во некои стари верзии на прашак за пециво но повеќе не. Петролејот пак е гориво за петролејки, отров за луѓето. Еден мој колега блогер пиеше петролеј затоа што беше во терминална фаза на рак. Петролејот му го уништи желудникот и направи непоправлива штета на неговите внатрешни органи. Кој нормален може да даде совет да се пие нафта или бензин. А петролејот е само една фракција на нафтата.
Печурките се добра храна и го зајакнуваат имунитетот. Но нема чудесни печурки. Има само такви кои предизвикуваат смрт или имаат халуциногени ефекти.
Маслото од коноп може да олесни некои тегоби, но не е лек. Не треба да се заборави дека постои и вистинско масло кое се добива од семките на коноп, но тоа е само храна, без физиолошко дејство“.

Суплементи и витамини

Во однос на суплементите и витамините др. Вујчиќ смета дека суплементите мора да ги одобри лекар. Според него, витаминот Д и каротените можат да предизвикаат рак ако се внесуваат на сопствена проценка дека на нашиот организам му требаат тие витамини. Не заборавајте, вели тој, „дека до пред еден век не се ни знаело за витамини. Дури ни најстарата заблуда дека зголемената доза на витамин Ц ја спречува настинката, не е точна. Но, згодно е да се шират ваки приказни затоа што на тој начин се богатат одредени гранки кои немаат врска ниту со хемијата ниту со фармацијата.
Во однос на дилемите за исхраната пак, д-р Вујчиќ смета на пример дека пржената храна е навистина поштетна и покалорична, но дека доколку повремено ја консумираме, нема да не убие. За маслата вели дека се подеднакво штетни колку што се и корисни.

„Постојано има разни теории кои напаѓаат или бранат одреден вид на маст или масло. Затоа, најпаметно решение е промената и на видовите на масло и на замената на маслото со свинска маст. Кокосовото масло е најопасно, а сега се прокламира како еликсир на младоста. На пример, маслиновото масло не е за пржење, но е за сите останати начини на приготвување на храна, а секако дека е најдобро во салатите. Но никако во големи количини. Нема масло кое е кардиопротективно, па ете уште една заблуда врзана за омегол и маслиново масло.

За приказните за штетноста на млекото, месото и јајцата се виновн агресивните вегетаријанци – помодари. Забавно ми е кога ќе тргнат во напад на кравите затоа што го загадуваат воздухот поради продукцијата на метан, а притоа пушат, возат автомобил и јадат зеленчук кој се произведува на нивите кои ги обработуваат мултитонски трактори, „ждерачи“ на нафта. Докторот смета дека проблемот е што со светот владее профитот, а не образованието, квалитетот, знаењето или љубовта. За жал, вели тој, одиме кон дното на цивилизацијата, а денешните генерации кои со своите андроид телефони се претвораат во зомби, ќе се манипулираат уште полесно.

За вакцините

Докторот ја поддржува вакцинацијата на децата, задолжителна и по препорака на Светската здравствена организација.

„Вакцините се многу побезбедни од родителите кои пушат во станот во кој живее и детето. Викаат, се караат и ги фрустрираат децата. Според светските истражувања, аутизам не предизвикуваат вакцините. Ако не веруваме во наука, тогаш е време голи и боси да се вратиме во пештерите, да се храниме со корења и со бобинки.
Според д-р Вујчиќ, најголемо загадување и најголемо влијание врз човековото здравје е она духовното. И сиромаштијата.

„Кога земјата е богата и општеството е поздраво. Не треба секое дете на тато (или на мама) да земе џип и да дивее низ градот за да знаеме дека е жив. Итно ни треба духовно и научно воздигнување. Или ќе пропаднеме како луѓе“, вели Вујчиќ.

Текстот е компилација од интервју со д-р Вујчиќ и содржина од неговиот блог.